fbpx

Иванов: Македонија ќе ги преземе сите мерки за заштита на државните граници и на националната безбедност

-

Македонија ниту е членка на Европската Унија, ниту на НАТО, ниту е дел од шенген-зоната и не може да ги трпи последиците на неединствената политика на Унијата, порача претседателот Ѓорге Иванов по седницата на Националниот совет за безбедност во поширок состав, свикана откако околу 1.500 бегалци илегално влегле во Македонија од Грција.

– Синоќа се случи инцидент на нашата јужна граница. Неконтролиран број мигранти и странски државјани од територијата на Европската Унија и на шенген-зоната се обидоа илегално да ја преминат државната граница, надвор од официјалниот граничен премин и да влезат во подрачјето во кое е прогласена кризна состојба. Нашите безбедносни сили успешно реагираа. Ја поздравувам нивната навремена и одговорна реакција, без употреба на сила – изјави претседателот.

Иванов порача дека властите од земјите што се наоѓаат на балканската рута не смеат да останат пасивни набљудувачи на ваквите инциденти. Тој оцени дека треба да се прекине со практиката на носење бегалци на границите и на поставување кампови во овие делови на граничната линија.

Според Иванов, вчерашниот инцидент е последица на незадоволителната комуникација и соработка меѓу политичарите и безбедносните служби на Македонија и на Грција, како и на неможноста да се воспостават заеднички оперативни тимови за брза интервенција. Тој оцени дека ваквите случаи ќе станат сè почести доколку не се подобри соработката меѓу двете земји.

Иванов рече дека Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, но и дека ќе продолжи со хуманиот третман кон бегалците.

Тој најави дека деновиве телефонски ќе разговара со претседателите и со премиерите на земјите од балканскиот мигрантски коридор, кои учествуваат во носењето одлуки во Советот на ЕУ за менаџирање на мигрантската криза, со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, како и со холандскиот претседавач со Советот на ЕУ, Берт Кундерс.

– Македонија и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот бегалски коридор и нема да дозволиме илегален влез на мигранти во Република Македонија – изјави претседателот Иванов.

На состанокот, членовите на Советот за безбедност и лидерите и претставниците на четирите политички партии биле информирани и за сите други безбедносни ризици и закани со кои се соочува Република Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...