(ИНТЕРВЈУ) Тардагила: Новинарството е најдобрата професија во светот, а проверувачите на факти се неопходни

Не можете да се потпрете само на вашите извори бидејќи тие извори ќе се обидат да покажат пристрасност и наратив или да ве излажат. Она што треба да го направите е да пронајдете и анализирате податоци од фотографии, видеа. Не гледам како традиционалното новинарство може да опстане понатаму, вели во интервју за Порталб.мк бразилската новинарка Кристина Тардагила

Фото: Порталб.мк

Кристина Тардагила е една инспиративна и енергична новинарка од Бразил, која е основач на Aгенцијата Лупа, првата иницијатива за проверка на факти во нејзината земја. Таа е поранешна директорка на Меѓународната мрежа за проверка на факти. Како новинар и/или уредник, Тардагила има работено во некои од најважните медиумски компании во Бразил и има објавено две книги. Благодарение на нејзиниот интерес за борбата против дезинформациите, таа двапати е поканета да биде говорник на TEDx и ја освоила титулата најдобар новинар за 2018 година во весникот elPeriodico. Истата година таа мораше да избега од земјата поради заканите по нејзиниот живот. Бразил повеќе не беше безбедно место за неа бидејќи таа и нејзините колеги од Лупа добиваа речиси по 56.000 закани месечно.

 

Во своето интервју за Порталб.мк, таа зборува за предизвиците на поверувачите на факти во ова време на дезинформации и на развој на вештачката интелигенција. Таа споделува совети за тоа како можеме да станеме поотпорни на притисоците во тешки времиња и зборува за главните руски пропагандни наративи кои се шират во Бразил.

Порталб: Како основач на агенцијата Лупа, првата иницијатива за проверка на факти во Бразил, како гледате на растечката улога на проверувачите на факти на глобално ниво во справувањето со предизвиците што ги носи ширењето на дезинформациите?

Кристина Тардагила: Многу сум возбудена! Гледам дека заедницата на проверувачите на факти ширум светот станува сè поголема. Имаше една кулминација на растот во 2016-2018 година, а денес не гледаме организациите за проверка на фактите да отпуштаат работници, да се затвараат, да го намалуваат производството. Заедницата на проверувачите на факти е многу стабилна во оваа фаза, ние сме стотици организации за проверка на факти, а пред десет години имаше можеби 20. За време на пандемијата со ковид-19, заедницата на проверувачите на факти докажа дека немаме работа само со политички прашања и дека нашата работа е од фундаментално значење. Не можам ни да замислам што ќе се случеше за време на пандемијата да не беа проверувачите на факти. Мислам дека последните две години беа исклучително корисни за проверувачите на факти, бидејќи пандемијата покажа дека тие се многу потребни.

Порталб: Дали е доволна само проверката на фактите за борба против дезинформациите? 

Кристина Тардагила: Тоа врши многу работа. Има многу добри неодамнешни истражувања за ефективноста на проверката на фактите и за тоа дали овој процес функционира или не. Секое истражување направено во оваа област покажува дека да, проверката на фактите е добра продукција и да, има влијание. Една публикација на весникот на Универзитетот во Кембриџ, која излезе во февруари оваа година, тестираше осум различни ситуации со експерименти со анкети, и се чини дека сите тие функционирале.

Сега, дали можеме целосно да го решиме проблемот со дезинформациите е друго прашање. Не, се разбира дека не, бидејќи тоа не е само комуникациски проблем. Тоа е прашање кое е и политичко и технолошко. Проверувачите на факти главно се новинари, и ние можеме да го направиме нашето истражување и да ги разоткриеме лошите чинители и лошите тактики, но ние не сме ниту полиција, ниту обвинителство. Ние не сме креатори на законите, ниту технолошки компании. Значи, во борбата против дезинформациите, во борбата во која ние сè уште сме губитници, треба да ни се придружат и многу инстанци на моќ и информации.

Порталб: Што мислите за улогата на медиумската писменост

Кристина Тардагила: Како прво треба да прифатиме дека секој од нас шири дезинформации, затоа што ние ги шириме работите што ни се допаѓаат, а ги бришеме работите што не ни се допаѓаат. Но, за сите, ова е еден многу тежок чекор. Луѓето навистина треба да го знаат ова. На пример, јас, ако видам една реклама на која пишува дека во супермаркет се подаруваат бесплатни чоколади, ќе поверувам и ќе одам во тој супермаркет. Сакам да кажам дека не е важно што 10 години работам на оваа област, што знам сè за дезинформациите, тоа е она што сакам да се случи. Значи, луѓето треба да се преиспитаат себеси и да бидат свесни за тоа што веруваат, од што се плашат и што им се допаѓа. Покрај тоа, едукацијата е многу важна. Мислам на вистинската едукација.

Порталб: Имајќи го предвид вашето долгогодишно искуство како новинар и уредник во бразилските медиуми, како гледате на адаптацијата на традиционалното новинарство во дигиталниот свет, посебно на тоа што се однесува на проверката на фактите и зачувувањето на кредибилитетот во оваа ера на брзо ширење на информациите?  

Кристина Тардагила: Сега, во време на војни, повеќе од кога и да е јасна е потребата за употреба на Open-Source (OSINT) интелигенција, бидејќи изворите на информации можат да бидат целосно пристрасни. Оваа ситуација може да биде исклучително тешка ако сте традиционален новинар. Не можете да се потпрете само на вашите извори бидејќи тие извори ќе се обидат да покажат пристрасност и наратив или да ве излажат. Она што треба да го направите е да пронајдете и анализирате податоци од фотографии, видеа. Не гледам како традиционалното новинарство може да опстане понатаму. Сите знаеме дека изворите си играат со новинарите и медиумите. Така што најдобро е да се потпреме на податоците и метаподатоците за да го потврдиме она што е кажано, за да не бидеме измамени, нели?

Верувам дека сите новинари многу брзо ќе се обратат до проверувачите на факти за да ги научат OSINT и алатките за проверка на факти.

Гледам дека заедницата на проверувачите на факти ширум светот станува се поголема, вели Тардагила / Фото: Порталб.мк

Порталб: Што ги советувате новинарите и проверувачите на факти кои работат во време на социјална анксиозност или војна, кога работите се случуваат толку брзо? Како можеме да останеме доверливи и праведни кога ни се брза?

Кристина Тардагила: Две работи се многу важни. Прво, бидете искрени за вашите извори и колку тие се добри. Ако цитирате претставник на едната страна од војната, треба да го информирате читателот дека овој извор е дел од проблемот. Не заборавајте да ги споделите со читателот и контекстот, предрасудите и потенцијалните интереси на сите извори. Мора да бидете многу отворени и искрени, бидејќи тоа е она што луѓето го очекуваат од новинарите, искреност и отвореност. И треба да можете да кажете „не успеавме да го потврдиме ова“ или дека досега сте слушнале само од еден извор.

Второ, соработувајте. Новинарите не соработуваат. Можеби ти знаеш нешто што јас не знам и некако се бориме меѓу себе, но на крајот од денот чудовиштето е дезинформацијата. Затоа, научете да се дружите и со новинарите од другите редакции, од другите весници, од радио станиците и да разменувате информации, бидејќи она што сите го бараме е вистината.

Порталб: Како вештачката интелигенција (ВИ) може да им помогне на проверувачите на факти и на новинарството во целина

Кристина Тардагила: Верувам дека проверувачите на факти треба да ги користат постоечките алатки на вештачката интелигенција за да заштедат на време. Не мора да го пишувате транскриптот на едно ТВ интервју, испратете ја снимката на четботот и тој ќе ви ја напише. Ако една слика е модифицирана, има многу алатки каде што можете да ја прикачите сликата и тие ќе ви покажат што е модифицирано на неа. Ова сигурно дека ќе ја забрза вашата работа.

ВИ не треба да се користи за ниту еден продукт кој излегува од редакцијата непрегледан. Тоа би бил мојот совет број еден. Не верувајте на вештачката интелигенција и не потпирајте се целосно на неа. Не дозволувајте ВИ да замени никого. Тоа само ќе ви заштеди време, но нема да го замени човечкиот мозок.

Порталб: Како резултат на вашата работа сте добиле многу закани и моравте да ја напуштите државата. Како можеме да станеме поотпорни на притисоците во овие тешки времиња?

Кристина Тардагила: Како прво, би рекла дека ништо не е поважно од вас самите, ништо. Не е важно кој ќе победи на изборите. Не е важно дали нешто е вистина или не. Нема врска. Прво сте вие, новинарот, уредникот, нели? Дали сте сигурен? Дали спиете добро? Дали поминувате време со вашето семејство? Навистина, на светот нема ништо поважно од тебе како личност. Со текот на времето, работите дефинитивно се балансираат.

А второ, треба да бидете подготвени. Ако сте дел од една редакција, разговарајте како се справувате со говорот на омраза и како се справувате со заканите кон вас. Креирајте правила за тоа што секој од вас треба да знае што да прави доколку добие закана. Кај кого да се јават? Со кого да разговараат? Кај кого да пријават? И ако сте вие менаџерот и  добиете една таква пријава, како да постапите? Ќе повикате полиција? Дали ќе го испратите вашиот колега во странство? Знаете, мора да имате јасни упатства како да постапите. Потребна ви е и добра психолошка поддршка.

Ако ја гледате заедницата на проверувачите на факти, мислам дека денес нема некој кој е навистина сигурен. На сите на некој начин им се закануваат, навредувани се или критикувани со еден низок јазик, особено ако сте жена. Психолошкиот аспект на ова прашање заслужува еден сосема нов разговор. Навистина е многу тешко да се биде онлајн и да се проверуваат фактите, а истовремено да се биде ментално здрав. Да, ви треба многу сила и систем за поддршка.

Порталб: Кои се главните руски пропагандистички наративи кои се шират во Бразил?

Кристина Тардагила: Проруските актери главно дистрибуираат наративи против САД. Еден многу добар неодамнешен извештај на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Бразил истакнува една група наречена „Новиот отпор“. Тие се многу добро координирани и поврзани со бразилската академија и универзитети, а исто така купиле акции и во неколку весници, радио и други медиуми.

Бразил и САД беа многу блиски за време на мандатот на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кој беше пријател со Доналд Трамп. Со актуелниот левичарски претседател, Луис Инасио Лула, се чини дека е можно дека руското влијание да се зголеми. Тој не успеа да покаже поддршка за Украина, обвинувајќи ги двете страни за војната.

Порталб: Каков совет би им дале на младите новинари и проверувачи на факти кои се обидуваат да имаат значајно влијание во борбата против дезинформациите и зачувувањето на новинарскиот интегритет?

Кристина Тардагила: Јас би рекла, бидете понизни, свесни за она што не го знаете и објаснете што не знаете. Бидете искрени за вашите ограничувања. Продолжете да ја учите секоја алатка бидејќи тие се менуваат од ден на ден. Исто така, соработувајте со другите и покажете солидарност.

Ако одлучите да започнете бизнис и да станете медиумски претприемач, погрижете се прво да студирате бизнис менаџмент. Многу новинари немаат успех кога се обидуваат да основаат весник или веб-страница затоа што кога студираат новинарство на нашите универзитети не стекнуваат менаџерски вештини. Барем во овој дел од планетата е така.

Порталб: Во ова време кога новинарството го изгубило кредибилитетот, најмногу поради лажните вести и другите проблеми, како што е недостатокот на финансии и заканите, зошто би сакале да бидете новинар?

Кристина Тардагила: Затоа што како што вели Габриел Гарсија Маркез, ова е најубавата професија на светот. Хахаха! И јас верувам во тоа. Не можам да се замислам себеси да правам ништо друго.

 

Новинар: Елида Зилбеари