fbpx

(ИНТЕРВЈУ): Кашиковски за случајот „Комунална хигиена“: Мазнева мора да ги почитува одлуките на инспекторатот

Бидејќи директорката Мазнева не реагира на наредбата на инспекторатот, а ниту на Управниот одбор, ние ќе продолжиме да ги користиме сите законски мерки и 100 отсто сум сигурен дека отпуштените работници ќе се вратат на работа, вели во интервју за Порталб.мк Стојанче Кашиковски, раководител на Синдикатот на СУТКОЗ

-

Директорката на ЈП Комунална Хигиена Скопје, Косана Мазнева, мора да врати на работа над 30 вработени отпуштени во јули годинава, бидејќи Државниот инспекторат утврдил дека нивното отпуштање е незаконско. Но, бидејќи директорката не реагира на наредбата на инспекторатот, а ниту на Управниот одбор на претпријатието, ние ќе продолжиме да ги користиме сите законски мерки и 100% сум сигурен дека отпуштените работници ќе се вратат на своите работни места.

Ова го изјави Стојанче Кашиковски, раководител на Синдикатот на СУТКОЗ, во кој членува и Синдикалната организација на „Комунална хигиена“ Скопје, во разговор со новинарот на Порталб.мк, Суад Бајрами, а во врска со отпуштените работници од „Комунална хигиена“ Скопје по искажаниот револт во јули годинава.

Порталб.мк: Поминаа три месеци откако над 30 вработени во Комунална хигиена Скопје останаа без работа, бидејќи ги бараа своите права и подостоинствени услови. Во меѓувреме, инспекторатот констатира дека отпуштањата се незаконски, но јавното претпријатие не постапува по дадените наредби. Зошто и по толку време вработените не можат да се вратат на работа?

Стојанче Кашиковски: Како што знаете до сега, Синдикатот на СУТКОЗ, чиј дел е и Синдикалната организација во ЈП „Комунална хигиена“ Скопје ги презел сите законски мерки кои спаѓаат во доменот на работните односи. Впрочем, ние прво поднесовме приговор до Државниот инспекторат на труд, од каде беше изречено предупредување до директорката на Комунална хигиена Скопје и дадена е наредба да се поднесе писмен акт со кој ќе се поништат решенијата за отпуштање од работа.

За жал, директорката не презема ништо во врска со ова. Повторно поднесовме приговор до Државниот инспекторат за труд, каде што беше постапено по нашиот приговор и за 31 вработен, кои беа во работен однос на неопределено време беше усвоена нова мерка, наредба, со која директорката е должна во рок од 10 дена да донесе решение со кое ќе ги укине решенијата за отпуштање од работа за овие 31 вработен. А за еден од вработените, првиот човек на синдикалната организација, бидејќи тој спаѓа во категоријата на вработени во јавната администрација, поднесен е приговор до Агенцијата за администрација, и од таму очекуваме позитивен одговор.

Во меѓувреме Управниот одбор на „Комунална хигиена“ Скопје одржа состанок на кој бев присутен и јас како претседател на СУТКОЗ. Ние упативме барање до Управниот одбор за разгледување на сите доставени приговори и постапување од страна на Управниот одбор по приговорите и решенијата на Државниот инспекторат за труд.

Директорката пак, во меѓувреме, од првиот до вториот приговор, на шестмина вработени кои Управниот одбор ги врати на работа, повторно им достави отказни решенија. За тие шестмина вработени се поднесени приговори. Тие приговори се прифатени и од страна на Управниот одбор на Комунална хигиена Скопје чија седница се одржа минатиот четврток, и за останатите 25 вработени е донесен заклучок од Управниот одбор со кој директорката на „Комунална хигиена“ Скопје е должна да постапи по решението донесено од Државниот инспекторат за труд.

Ние како синдикат на СУТКОЗ сме ги презеле сите мерки што ни се на располагање согласно законските одредби во државата.

Порталб.мк: Дали се водат судски постапки за незаконските отпуштања на овие вработени во Комунална хигиена Скопје?

Стојанче Кашиковски: Судска постапка е поткрената од сите вработени кои добиле отказни решенија. Ние како Синдикат на СУТКОЗ, каде што членува и Синдикалната организација на „Комунална хигиена“ Скопје, нудиме бесплатна правна помош, но дел од вработените сами ангажирале адвокати и поднеле тужби до надлежните судови, со кои ги обжалиле овие отказни решенија.

Фото: Порталб.мк

Порталб.мк: Која е вашата порака до директорката Мазнева, бидејќи веќе два пати инспекторатот ѝ нареди вработените да ги врати на работа, исто како и Управниот одбор на оретпријатието, но таа сè уште не презела ништо околу тоа?

Стојанче Кашиковски: Ние како синдикат секогаш сме посветени на спроведување на законите кои се на сила во нашата држава. Тоа значи дека и при поведување на дисциплинската постапка мора да се почитуваат сите законски процедури. Ние веќе покренавме трета постапка – приговор до Државниот инспекторат за труд, каде што бараме да се постапува поединечно за секој од отпуштените работници. Очекуваме позитивен одговор на овој трет приговор, при што ќе следуваат и казни за ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.

Ценам дека директорката треба да постапи по овие решенија донесени од Државниот инспекторат за труд и повторно ќе кажам, ќе ги искористиме сите законски одредби кои како синдикат ги имаме на располагање за да ги заштитиме овие вработени кои беа отпуштени од работа со незаконски спроведена постапка, односно им беа дадени отказни решенија.

Порталб.мк: Меѓу отпуштените работници беше и првиот човек на Синдикалната организација на Комунална хигиена Скопје, кој ја претставува сега и дали има синдикална организација во Комунална хигиена Скопје каде што вработените можат да поднесат жалби или да се обратат за помош во врска со нивните работнички права?

Стојанче Кашиковски: Со отпуштање на првиот човек на Синдикалната организација Дели Дардишта, синдикалната организација не престанува да постои. Во ЈП Комунална хигиена Скопје сè уште има синдикална организација. Инаку, според структурата, тоа е организирано на тој начин што синдикалната организација има претседател и Извршен одбор. Значи, Извршниот одбор на Синдикалната организација во ЈП Комунална хигиена Скопје се уште функционира и вработените за секој проблем можат да контактираат со некој од претставниците или членовите на Извршниот одбор на Синдикалната организација. И ние како синдикален огранок СУТКОЗ им стоиме на располагање, тие можат да ни се обратат и директно нас.

Порталб.мк: Имате ли контакт со раководството на Комунална хигиена Скопје, посебно со директорката Мазнева за ова прашање? Дали договоривте состанок за да разговарате за изнаоѓање на решение за овој проблем?

Стојанче Кашиковски: Како што сум изјавил многупати до сега, ние како Синдикат на СУТКОЗ секогаш се трудиме проблемите да ги решиме очи во очи преку дијалог, разговор, меѓу синдикатот и работодавачот. Ние, пред сè, како синдикат и работодавач сме социјални партнери, сметам дека на таков начин преку дијалог мора да се најде начин како да се реши секој проблем на работниците во секое претпријатие.

Со директорката Мазнева немам остварено средба. Јас како претседател на СУТКОЗ бев присутен, бев поканет од Управниот одбор на „Комунална хигиена“ Скопје на нивната седница на која се разгледуваа приговорите и нашето барање за донесување на заклучокот, со којшто од директорката ќе се бара да постапи по одлуката на Државниот инспекторат за труд. Единствениот контакт што го остварив е во присуство на Управниот одбор.

Порталб.мк: Се надевате ли дека незаконски отпуштените работници ќе се вратат на работа?

Стојанче Кашиковски: Апсолутно, не само што се надевам, туку 100 проценти сум сигурен дека вработените кои незаконски беа отпуштени од Комунална хигиена Скопје ќе се вратат на своите работни места.

Дали тоа ќе биде преку постапување според одлуките на Државниот инспекторат за труд или според судските одлуки, јас сум сигурен дека ќе се вратат на своите работни места.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...