fbpx

Израел се обидува да врати целосна контрола на територијата, Нетанјаху предупреди на „долга и тешка војна“

Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека земјата ќе престане да испорачува струја, гориво и стоки за Газа. Поголемиот дел од појасот во текот на ноќта остана во мрак, откако струјата од Израел со која се снабдува речиси целата територија, беше прекината

-

Стотици лица во Израел и Газа се убиени, а илјадници други повредени по ненадејниот напад што вчера од Појасот Газа го изврши милитантната група Хамас. Израелските медиуми, повикувајќи се на информации од спасувачките служби, објавија дека најмалку 250 лица се убиени, а 1.500 ранети, што го прави вчерашниот напад најсмртоносен во Израел во последните децении.

Во појасот Газа загинаа најмалку 232 лица, а 1.700 се ранети во израелските напади, соопшти палестинското Министерство за здравство, а пренесе „Јуроњуз“.

Мировните сили на Обединетите нации (ОН) распоредени долж јужната граница на Либан повикаа „сите да покажат воздржаност“ и да ги користат механизмите за врска и координација на силите за деескалација со цел да се спречи влошување на безбедносната ситуација.

Мировниците на ОН соопштија дека откриле неколку ракети истрелани од југоисточен Либан кон „територијата окупирана од Израел“, по што следел артилериски оган од Израел кон Либан.

Оваа изјава дојде набргу откако вооружената група Хезболах, поддржана од Иран, соопшти дека пукала врз израелски позиции во спорната област позната како „Шебаа фарми“ долж границата со сириската Голанска висорамнина окупирана од Израел.

Израелските сили одговорија со артилериски напади во Либан и напад со беспилотни летала врз база на Хезболах во близина на границата, но нема извештаи за жртви.

Силите познати како УНИФИЛ соопштија оти се во контакт со властите од двете страни на границата за да се избегне посериозна ескалација.

Во текот на изминатава ноќ, од Газа кон Израел беа истрелани ракети кои погодија болница во крајбрежниот град Ашкелон, но нема информации за жртви.

Се интензивираа и израелските воздушни напади во Газа, при што биле срушени станбени згради, како и канцелариите на Хамас во центарот на Газа.

Израелската војска соопшти дека сè уште се справува со Хамас во осум области каде палестинските милитанти се инфилтрирале по ненадејниот напад од саботата, пренесува Би-би-си.

Израел тврди дека ја вратила контролата врз 22 локации на југот на земјата и дека полека почнува евакуацијата на жителите во градовите околу Појасот Газа.

Во телевизиско обраќање вчеравечер, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој претходно изјави оти Израел е во војна, рече дека војската ќе ја искористи сета своја сила за да ги уништи способностите на Хамас и да се „одмазди за овој црн ден“. Сепак, тој предупреди дека „оваа војна ќе потрае и ќе биде тешко“.

Нетанјаху рече оти првата фаза од контра-операцијата била завршена и дека Израел се бори против милитантите на Хамас на нејзината територија.

„Сите места во кои Хамас се крие, од кои дејствува, ќе ги претвориме во урнатини. Излезете од таму сега“, им порача тој на жителите на Газа за кои е предизвик да ја напуштат малата и пренаселена територија од 2,3 милиони лица.

Како што пренесе „Гардијан“, кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое се вели дека Израел ќе престане да испорачува струја, гориво и стоки за Газа. Поголемиот дел од појасот во текот на ноќта остана во мрак, откако струјата од Израел со која се снабдува речиси целата територија, беше прекината претходно во текот на денот.

Хамас и Израел веќе водеа четири војни откако групата ја презеде контролата врз појасот во 2007 година.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, рече оти нападот што започна во Газа ќе се прошири на Западниот Брег и Ерусалим.

За попладнево е свикан итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Бајден: Поддршката за Израел е непоколеблива, граѓаните имаат право да се бранат

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...