fbpx

Холанѓаните, традиционално, најбројни странски туристи во Охрид

-

Секторот за туризам и за локален економски развој при Општина Охрид, во посебна анализа, направи согледувања за структурата на гостите во првиот македонски туристички центар. Според ова истражување, скопјани и гостите од Холандија се најбројни на охридската ривиера.

Обработените податоци укажуваат на фактот дека најголем број домашни гости доаѓаат од Скопје, дури 40 проценти. Потоа, следуваат туристите од Прилеп, Битола, Кичево и од Велес. Само четири проценти од испитаниците доаѓаат од Штип и од Струмица, додека 16 отсто се од другите градови.

„Кога станува збор за странските туристи, 66,7 проценти доаѓаат од Холандија, 13,9 од Германија, а потоа следуваат Данска, Словенија, Србија. Нешто помалку од 3 проценти им припаѓаат на гостите од Црна Гора и од Албанија“, пишува во анализата.

Од секторот за туризам и локален економски развој појаснуваат дека со анализата сакале да дојдат до податоци што ќе им овозможат конкретно прилагодување на туристичката понуда во насока на современите тенденции во туризмот.

– Анализата дава прецизни информации за предностите на кои се темели туристичката традиција на Охрид, како и слабостите, порастот, развојот и конкурентноста на туристичкиот производ. Специјално дизајнираниот прашалник беше составен од вкупно 13 прашања кои беа поделени во неколку групи, кои ги опфаќаат старосните структури, половата определеност, образованието, потрошувачката кошница, мотивите за престој во Охрид и оцена на хотелската содржина и на другите угостителски услуги – велат во секторот.

Што се однесува до старосната структура, најбројна групација кај домашните гости е онаа на возраст од 26 до 35 години. Потоа следуваат гостите на возраст од 16 до 25 години со 24 проценти, како и гостите на возраст помеѓу 36 и 45 со 16 проценти. Еднаков е и процентот на гостите повозрасни од 55 години, додека 12 проценти се испитаници на возраст од 46 до 55 години.

Кај странските гости, најбројна е групата повозрасни од 55 години –  30,6 проценти. Гостите од 46 до 55 години се застапени со 25 проценти, по што следуваат гостите на возраст од 36 до 45 години, со 19,4 отсто, и оние на возраст од 26 до 35 години, со 16,7 проценти.

Најголемиот број од домашните гости – 54 проценти, одговориле дека нивниот главен мотив за доаѓање во Охрид е „одмор“, а другите за забава и за посета на културните манифестации.

Кај странските гости, дури 69,4 проценти доаѓаат на одмор, додека 19,4 проценти поради богатството од културни манифестации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.