54-годишна хигиеничарка од детската градинка во виничко Блатец заболела од тешка форма на заразен менингит. По земањето примероци, кај три од вкупно 13 деца што престојуваат во градинката е утврдено присуство на предизвикувачот на болеста.

– Заболената жена е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести во Скопје и е во карантин. Стабилизирана ѝ е состојбата и засега не може да се зборува за епилогот – изјави епидемиологот до Виница, Горан Николов.

Децата, кај кои е утврдено присуството на бактеријата се здрави, но превентивно им е даден антибиотик.

Сепак, според доктор Николов, нема потреба од паника бидејќи болеста не е од таков степен на инфективност што е опасен за околината.

– Болеста се јави кај жена која е со ослабен имунитет и има висок крвен притисок – изјави Николов.

Бактеријата, како што објаснува епидемиологот, нормално ја има во околината и кај луѓето и се пренесува преку воздухот, меѓутоа организмот реагира само при ослабен имунитет или кај веќе болни луѓе.

Директорот на градинката, Илија Јованов, изјави дека е направена комлетна дезинфекција.

– Темелно се исчистени просториите и играчките, а земени се примероци од сите деца и од тројцата вработени во градинката – изјави Јованов.

Вообичаено, годишно се регистрираат по само неколку случаи на енцeфалит.

В.К.