fbpx

Груевски за „To вима“: Со две раце ќе потпишам дека Македонија нема територијални претензии кон Грција

-

Спорот за името е апсурден спор, а Република Македонија нема територијални претензии кон Грција и не бара ексклузивно користење на терминот Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за грчкиот весник „То вима“.

Во интервјуто Груевски тврди дека сака добра соработка со Грција и наоѓање компромисно решение за името, но не по секоја цена и не по цена на македонскиот идентитет, јазик и култура. Тој додава дека тоа нема да се случи без одобрение од народот на референдум.

Груевски вели дека решение за името е можно ако Грција се откаже од уцените и прифати постоење на македонска држава и идентитет.

– Ако се прифати реалноста дека Република Македонија постои и ќе продолжи да постои, ако се прифати реалноста дека Република Македонија се оградува од какви било територијални претензии како што имаат покажано бројни гестови и како што е посочено во Уставот и дека ние не бараме ексклузивност на користење на името Македонија, тогаш може да се најде решение за името. Ако се додаде на тоа и добра волја за помош на соседите, тогаш нема пречка нашите две земји да бидат идеален пример за соработка на Балканот – вели Груевски.

Дециден е дека македонската влада нема територијални претензии, отфрлајќи ги грчките критики за иредентистичко однесување на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Македонија нема територијални прентензии кон соседите. Ова можам да го потпишам со две раце. Тврдењата дека Грција, која е поголема и помоќна, се плаши од Република Македонија се неуверливи. Можам да потпишам дека Република Македонија ќе ги понуди сите барани гаранции дека немаме територијални претензии – истакнува Груевски.

Поранешниот премиер одбива да посочи дали е полесна комуникацијата со владата на СИРИЗА, инсистирајќи дека важно е да се најде решение за името, без оглед на тоа која партија е полесна за комуникација. Тој вели дека должноста на македонската влада е да изгради подобри и поблиски односи со грчката влада. Според него, спорот за името е апсурдна расправија што ги блокира македонските обиди за членство во ЕУ и во НАТО и задира во македонскиот идентитет.

– Ако не беше блокадата од Грција, ќе добиевме покана за членство во НАТО во 2008 година. Во 2010 година ќе почневме пристапни преговори со ЕУ, кои ќе беа завршени и ќе бевме членка на ЕУ. Луѓето знаат дека не реформи, туку блокадата од Грција ги одложи членството во НАТО и во ЕУ – вели Груевски, отфрлајќи ги како неточни тврдењата за проблеми со демократијата, неспроведувањето на реформи и на владеењето на правото во Македонија.

Лидерот на владејачката партија истакнува дека грчкото вето во НАТО сè уште е ефективно и значително ги има влошено билатералните односи. Според него, сите моменти на политичка комуникација пред и по грчкото вето се обиди двете држави да се приближат една до друга. Досегашната неефективност на обидите двете страни да се приближат до решение, експремиерот ја припишува на грчката финансиска криза.

Груевски оценува дека грчката јавност е недоволно информирана за Македонија, што, според него, е дополнителен проблем за да се дојде до компромисно решение.

– Сметам дека вашата јавност е несоодветно или недоволно информирана за ситуацијата во Република Македонија. Ова создава пречки за вашите политичари да донесат похрабри одлуки. Треба да ги надминеме стереотипите и да ги земеме предвид работите што нè обединуваат – вели Груевски.

Тој остро го критикува грчкиот став дека со уцена може да се наметне нов идентитет на македонскиот народ.

– ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи решението што ќе биде наметнато од Грција да биде прифатено од политичари, индивидуалци, влада или парламент без референдум. Сакаме решение за проблемот, не само за прием во НАТО или ЕУ, туку за да се нормализираат односите со Грција. Решението не може да биде еднострана желба на една од двете држави, туку компромис кој нема да загрози ничии интереси – истакнува Груевски, додавајќи дека решение постигнато насилно или со уцена нема да биде одржливо. Како пример ја посочува привремената референца БЈРМ, оценувајќи ја навредлива за целиот народ.

Како позитивна точка во македонско-грчките односи, ги посочува мерките за градење доверба, кои, како што вели, се надева да се имплементираат, а не да останат само на хартија.

Прашан дали Скопје и Атина би можеле да развијат подобра соработка околу бегалската криза, Груевски посочува дека ова е една од областите каде има простор за подобрување на билатералната соработка. Тој вели дека Македонија се нашла во комплексна ситуација, без ресурсите што ги имаат членките на ЕУ и на НАТО, а соочена со проблем на илегални мигранти кои од Грција се обидуваат да влезат во Македонија и преку неа во другите европски држави.

– Проблемот стана покомплексен бидејќи од нас се очекуваше да ги штитиме членките на ЕУ кои се крајна дестинација на илегалните мигранти. Токму оваа тема покажува дека би било полесно да се справиме со целата ситуација ако Македонија беше членка на ЕУ – вели Груевски.

Во интервјуто, поранешниот премиер тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ја очекува убедлива победа на априлските избори бидејќи ужива масовна поддршка од народот. Според него, сите тврдења дека како премиер ја злоупотребил власта, не го почитувал владеењето на правото и вршел притисоци на медиумите се само неосновани тврдења и критики.

Интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за грчки медиум е преседан затоа што Груевски, додека беше премиер, ниту еднаш не проговори за грчките гласила.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.