По долги консултации и анализи одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за поместување на изборите од 24 април на 5 јуни беше со цел не за да го задоволиме СДСМ, туку за да не бидеме погрешно разбрани од нашите граѓани и од оние кои не сакаат Македонија да оди напред, рече вечерва на прес-конференција претседателот на владејачката партија, Никола Груевски.
Груевски рече дека на интензивните состаноци со претставниците на Европската унија и на САД биле уверени во четири работи.
– Бевме уверени дека ова е единственото пролонгирање на изборите и дека нема да се бара ново одложување во било која форма. Дека до изборите на 5 јуни нема да има преговори бидејќи и тие веруваат дека ДИК ќе има доволно време да го прочисти избирачкиот список. Трето, дека нема да има нови услови, вклучувајќи го и законот за медиуми. Четврто добивме уверување дека нема да има нови проценки од САД и ЕУ дали земјата е подготвена за избори – рече Груевски.
Тој додаде дека деновиве добиле цврсто уверување од ДУИ дека цврсто стојат зад тоа да има избори на 5 јуни – со или без СДСМ.
– Државата не може да биде заложник на една политичка партија, во случајот СДСМ. Со ова поместување им даваме и последна шанса на СДСМ, да излезат на изборите и да го погледнат во очи народот, на кого му ја наметнаа оваа политичка криза. Само со излегување на изборите се добива легитимитет и доверба од граѓаните и никако поинаку. До 5 јуни можете да зборите и да глумите се, па дури и победници. На 5 јуни ќе се срамите од самите себе – рече Груевски.
Според Груевски, одговор на прашањето кој е посилен, а кој е послаб ќе има на 5 јуни, за кога најави „референдумско гласање“ и го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев да излезе на избори и да се соочи со народот.