Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција изјави дека одлуката за одложено распуштање на Собранието е уште еден доказ за пораз на Никола Груевски.
– Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за одложено распуштање на Собранието е уште еден пораз за Никола Груевски. После сите лаги, измами, инаетења, со денови криења од јавноста, Никола Груевски ја призна својата одговорност. Нема услови за слободни, фер и демократски избори на 24 април – рече Заев.
Лидерот на опозицијата рече дека со кршење на Договорот од Пржино и со одбивање на реформите за слободни медиуми и прочистување на избирачкиот список „лажниот патриот“ Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ја втурнат Македонија во драматична криза.
– Потврдата од ЕУ и САД, меѓународните гаранти на Договорот од Пржино, дека не се исполнети условите за избори и одложената одлука за резолуцијата во Европскиот парламент покажуваат колку само слободните избори се значајни за иднината на Македонија – рече Заев, додавајќи дека Груевски сакаше да ја вовлече Македонија во сериозна меѓународна изолација и длабока внатрешна криза, „со единствена цел, заштита на криминалот и корупцијата на фамилијата“.
Заев рече дела лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се плаши од слободни и фер избори затоа што знае дека ќе ги изгуби.
– На сите им е јасно дека Никола Груевски не може да ја држи Македонија во заложништво. Пред само еден час ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека нема поместување од датумот 24 април, Вечерва се потврди, ви реков, се случи. Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски – рече Заев.
Тој и порача дека во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со слободни медиуми и прочистени избирачки списоци.
– Во Македонија мора да се избере нова Влада, со полн легитимитет, за решавање на сериозните проблеми и враќање на Македонија на европскиот пат. На фер избори СДСМ ќе ја преземе одговорноста која ќе и ја дадат граѓаните. Промените доаѓаат на слободни, фер и демократски избори, на кои ќе победат граѓаните, СДСМ и европските вредности – рече Заев.