Бегалецот Никола Груевски го честиташе потпишување на Протоколот за НАТО во Брисел на неговиот фејсбук-профил.

Во неговото, како што вели, „размислување за нова национална стратегија по новонастанатата ситуацијa со името“, тој прави анализа – во продолженија – за тоа што значи членството на државата во НАТО,  паралела со дејствувањето на старот ВМРО и нивната борба за слобода.

„Не е тајна дека низ целото мое работење во политиката, од почетокот до денес, сум отворен поборник на членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Разликата со СДСМ е што не сакав тоа да се случи на ваков начин, со ваков понижувачки и штетен договор, со целосно предавање на тешко и крваво стекнатото, па потоа со години да се бориме да ја поправаме штетата со сите ризици во таа намера. Но, надвор од тоа, сметав и се уште сметам, дека местото на Република Македонија недвослмислено е во НАТО и ЕУ. Тоа што платена пропагнда се трудеше да направи друга слика заради други цели, е друга работа. Кога веќе насила и противуставно ни го направија ова со името, со идентитетот и историјата, кога веќе тоа станува насила и против волјата на народот станува реалност, треба да се искористи таа ситуацијата и ден порано земјата да стане членка на НАТО и да ги започне и што побрзо да ги заврши преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Тоа е период од 18 месеци за НАТО, а за ЕУ можеби од 6 до 8 години од сега, зависно од повеќе фактори. Доколку нема предвремени парламентарни избори, до 2020 членството во НАТО ќе биде реализирано, а се надевам и барем 20-30 отсто од потребните реформи и поминати преговори за членството во ЕУ. По промената на марионетската влада, процесот со зачленувањето во ЕУ треба да се доврши без создавање ризици“, вели меѓудругото Груевски на неговиот фејсбук-профил во првиот дел од неговата анализа.

Тој дури и предупредува „следните 6-8 години треба да сме многу внимателни, да не останеме и без име и без ЕУ“

„Кога веќе сме доведени во ваква тешка ситуација од оваа марионетска власт, кога веќе го изгубивме името и националноста, треба прво ЕУ па по добро подготвен терен и обезбедени сојузници корекција на настаната штета, што воопшто нема да биде лесна операција“, пишува Груевски.