fbpx

Грција во исчекување на бриселска пресуда

-

Нов пакет мерки и реформи или излез од еврозоната? Грчкиот тим, предводен од премиерот Алексис Ципрас и од министерот за финансии Евклидис Цакалотос, од денеска почнува нова битка за договор со поповолни услови за грчкиот народ, кој паралелно и ќе го осигури останувањето на државата во еврозоната и ќе ги задоволи барањата на европските кредитори.

Охрабрувачки за грчкиот тим беше утринскиот говор на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Европскиот парламент. Јункер беше јасен дека не сака Грција да излезе од еврозоната, иако, како што посочи и самиот, многумина во ЕУ го посакуваат тоа. Остро критикувајќи ја грчката влада што ги напушти преговорите и ги нарече европските кредитори терористи и заканувачи, сепак истакна дека вечерва на Самитот на ЕУ ќе се потрудат да најдат решение без екстремни реторики од двете страни.

Грчката страна е свесна дека ја очекуваат тешки преговори со веројатно уште поинтензивирани притисоци и со идеи за уште построги мерки од претходно, откако премиерот Алексис Ципрас пред 11 дена си замина од преговарачката маса и остави народот да одлучи дали ги сака или не европските предлози и во која насока треба да се движат државата и економијата. Ципрас и Цакалотос во Брисел одат со силна муниција во своите торби, поддршката од народот и поддршката од мнозинството на политичките сили во државата, но со обврска да не си дозволат Грција да се најде на раб на напуштање на еврото.

Новиот министер за финансии, Цакалотос, кој наместо досегашната ѕвезда Јанис Варуфакис ќе седне на денешниот состанок на Еврогрупата, вчера истакна дека го презема министерството за финансии во тешки моменти. Тој подвлече дека грчката влада сака да ги продолжи преговорите, но нема да прифати неодржливо решение.

Цакалотос и Ципрас ќе претстават повеќе идеи што се засновани на старите предлози на Јункер, со извесни нивни сугестии и измени. Дали ова ќе биде доволно за европските кредитори, кои децидно имаат изјавено дека старите предлози не важат и дека Грција ќе мора да донесе револуционерен нов пакет, останува да се види. За потсетување, грчката влада прифати голем дел од предлозите на Јункер, но бараше одложување на идејата за зголемување на данокот на додадена вредност на островите, одложување и многу побавно укинување на субвенциите за земјоделците, одложување за една година за намалувањето на буџетот на армијата и побавно намалување на дел од пензиите. Се очекува, според договорот со лидерите на сите политички сили во Грција, Ципрас и Цакалотос да побараат да се почне договор за одржливоста на грчкиот долг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...