Грција доби зелено светло од Европската централна банка за продолжување на итната помош за ликвидност, но по повисока цена. ЕЦБ одлучи да ја продолжи програмата во исти рамки, но ги скрати колатералните гаранции, кои се користат за ликвидноста на банките.

Според аналитичарите, тоа значи дека за две третини се намалува лимитот на финансии што банките може да ги влечат од итниот фонд за ликвидост. Оваа одлука се оценува како јасна и директна порака до грчката влада да се постигне договор по секоја цена на денешните состаноци во Брисел. Доколку не се постигне договор и не се смири ситуацијата, со намалениот лимит на средства што ги имаат сега на располагање, грчките банки може да се соочат со дополнителни оперативни проблеми, да бидат во неможност да продолжат со какви било трансакции и да бидат прогласени за несолвентни.

Весникот „Катимерини“ ги пренесува процените на банкарскиот сектор дека со оваа одлука, од 18 милијарди евра, колку што имале на располагање до понеделник, сега на располагање имаат само 5 милијарди евра.

Чекорот на ЕЦБ се смета како дополнителен притисок за постигнување договор.

Советот на ЕЦБ ќе се состане и утре за да разговара за грчката ситуација по денешните состаноци и одлуки на еврогрупата и на Самитот на ЕУ. Оцените се дека доколку не се постигне договор, можно е да следат уште построги мерки од ЕЦБ, кои дополнително ќе ја влошат ситуацијата за грчкиот банкарски систем.

Банките во Грција остануваат затворени за трансакции до среда вечер.

Редиците пред банкоматите продолжуваат, граѓаните чекаат еден зад друг за своите 60 евра во секое време од денот, независно дали е рано наутро, напладне или, пак, полноќ.