fbpx

Грција испрати 30 бегалци со авион во Луксембург

-

Првата група од 30 бегалци од Сирија и од Ирак денеска од Атина авионски заминаа за Луксембург. Испраќајќи ја оваа прва група, со што се избегнува мачната патна рута од Грција кон Западна Европа, грчкиот премиер Алексис Ципрас сака да упати апел за крај на човечките жртви во Егејско Море.

– Бројката 30 во споредба со илјадниците бегалци е само капка во океанот, меѓутоа оваа капка може да стане поток, а потоа и река на човечката и на општествената одговорност – истакна Ципрас на симболичната церемонија на атинскиот аеродром, во придружба на првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц, министерот за внатрешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, и европскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос.

Грчкиот премиер истакна дека Европа има заедничка одговорност да направи сè што е можно да се стави крај на човечката драма со бегалците од Сирија. Ја искористи можноста да посочи дека главна порта за бегалците е Турција и неопходно е да се побара поголема соработка со неа на европско ниво за процесот на посигурен транспорт на бегалците и на нивно распоредување низ Европа да почне да се одвива од Турција, со што би се избегнале проблемите како бројните човечки жртви од нелегалниот транспорт со гумени чамци преку Егејско Море.

Министерот за внатрешни работи на Луксембург истакна дека авионскиот превоз на првата група бегалци е симболичен гест да се покаже дека нема да се дозволи градење на огради против бегалците бидејќи е неопходно да се покаже европска солидарност. Секој друг чин освен солидарноста, според Аселборн, ќе биде уривање на вредностите на Европската унија.

Шулц, заблагодарувајќи им се на меѓународните институции и на грчките власти, изрази надеж дека постепено ќе се зголеми бројот на безбедно преселени бегалци, забележувајќи дека постои разбирање дека никој не ја напушта својата држава без сериозни причини.

– Во овој момент на тест се европските вредности. Европа не се согласува со жичани огради и со ѕидови – истакна комесарот Димитрис Аврамопулос, забележувајќи дека ваквите одлуки на одредени европски членки се загрижувачки феномени, кои укажуваат на проблеми со ксенофобија и со расизам.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.