fbpx

Грција: Храната е поевтинета, бензинот е со „европски“ цени

-

Срби, Унгарци, Германци се најбројните туристи во оваа летна сезона во соседна Грција, пишува „Порталб.мк“. Во дел од туристичките места на крајбрежјето, според грчките угостители и трговци, годинава има намален број на туристи во однос на лани, но дел од домаќините велат дека напливот на туристи допрва се очекува. Какви се цените во поголемите и помалите маркети за храна, колку чинат бензинот и патарините ?

Скромен ручек во ресторан од 25 евра до 30 евра?

– Цените во рестораните, таверните главно не се значајно променети во однос на лани. Најчести гости во првиот месец од летната сезона доаѓаат од Србија, Унгарија, Германија – вели вработен во една грчка таверна во туристичкото место „Неа Врасна“.

Цените на храната во рестораните варира во зависност од локацијата но и од атрактивноста на туристичкото место. Така, во таверна популарното грчко гиро се продава од 2,5 до три евра, пиво од 300 милилитри чини од 3 евра па и повеќе, порција помфрит се наплаќа и по 4,5 евра, а порција „бифтеки“ чини шест евра. Познатата „грчка сaлата“ во рестораните се продава од пет до шест евра, а на поатрактивните места чини и повеќе.

Дел од угостителите во туристичкото место Ставрос велат дека во однос на ланскиот јуни, годинава има помалку туристи.

– Сега имаме помалку гости, мислам дека дел од аранжманите се откажани поради ланските поплави, променливото време е една од причините за намален број на туристи. Што се однесува до грчките, домашните туристи, тие сакаат да одмараат. Најавените предвремени избори во Грција значајно не влијаат врз домашниот туризам. Грците прво сакаат да се искапат во море па потоа да гласаат – вели низ шега сопственик на ресторан.

Тој дообјаснува дека предвремените избори нема да имаат негативно влијание врз туризмот, бидејќи во Грција стандардно половина од гласачкото тело, без разлика на се, не излегува на гласање. Дека домашните туристи се важни за вкупниот туристички проток покажуваат викендите кога има наплив на грчки турсти во туристичките места – доаѓаат „викендашки“ и заминуваат.

И дел од трговците во Ставрос велат дека овој јуни се забележува помал промет во однос на ланскиот, поради намалениот број на туристи.

– Мислам дека една од причините за намалениот број на туристи е нестабилното време и прогнозите дека можеби и ова лето ќе биде врнежливо. Друга причина се аранжманите за летување што ги нуди Турција, таму се почести се гостите од Русија и од целиот Балкан, бидејќи се нудат примамливи цени. Самите Турци кои традиционало доаѓаа на грчките острови сега се помалку бидејќи со падот на вредноста на турската лира, летувањето во Грција им стана скапо – коментира сопственик на грчка продавница.

Дел пак од трговците во Ставрос сметаат дека се уште е рано да се оценува дека оваа сезона е послаба, очекувајќи дека летниот шпиц допрва доаѓа и посочуваат дека секоја сезона во ова место се отвораат по 40-на нови „легла“ за туристи.

Цените на храна во маркетите се намалени

Цените на храната во продавниците според дел од вработените се намалени во однос на ланската сезона, а како причина се посочува намалениот данок од 23 на 13 проценти за одредени видови на производи.

– Со намалување на данокот од 23 на 13 проценти за одредени производи и ние ги намаливме цените за чоколадото, бонбоните, кондиторски производи, еурокрем, печива. Сега имаме на пример грчки еурокрем од 300 грама кој чинеше две евра а сега се продава за 0,99 евра – објаснува продавач во еден помал маркет.

Во продавниците цената на безалкохолните пијалаци, негазирани и газирани, се движи од 0,63 евра до 0,80 евра или безалкохолен пијалак од 300 милилитри може да се купи за 0, 63 евра, 0,65 евра, 0,79 евра до 0,80 евра.

Познатите печива од 100 грама до 200 грама се продаваат од 0,44 евра до 0,70 евра во зависност од составот а популарните посни грчки сарми од ловоров лист “ од 280 грама чината од 1,54 евра во поголемите маркети до 1,60 евра во помалите продавници. Eдно литро маслиново масло за јадење се продава по цена од 3,99 евра па нагоре.

Какви се цените на патарините и горивата

Само на магистралата „Игнатија“ која го поврзува Истокот и Западот на Грција, односно од турската до албанската граница има се поголем број на патарини, но сепак новиот дел на автопатот кој е „прошарен“ со тунели сè уште е без наплатни рампи. Дел од Грците со кои разговаравме ни кажаа дека наскоро владата на Грција планира да постави нови наплатни пуктови.

Цените на патарините варираат во зависност од видот на возилото и местоположбата, па така на патарините може да платите од 1,20 евра до 2,40 евра за автомобил кој се движи на оваа патна рута.

Поскапи се патарините на Егејската магистрала која води до популарните места за летување Лептокарија и Пеласгиа, кои воедно се многу посетени од нашите граѓани. На оваа траса цените на патарините се движат и до четири евра.

Во Грција наплатата на патарините не е автоматизирана, а не е можно ниту да се плати со картичка. Бензинот и ова лето е по „европски цени“. Така литар „еуросупер 95“ се продава за 1,64 евра, бензин 100 ( Action) чини 1,85 евра а цената на дизелот е 1,36 евра за литар.

Поради високите цени, Грците се чести посетители на бензиските станици лоцирани во пограничните градови во земјава, а ова го потврдуваат и нашите угостители.

„Грците се чести гости во нашите кафеани, не штедат на храна, доаѓаат и во приватни  здравствени установи, особено ги користат услугите на стоматолозите и често доаѓаат да наполнат бензин“ – вели еден угостител од туристичкиот Дојран.

Грција е една од најатрактивните дестинации за македонските туристи – лани ја посетиле повеќе од еден милион граѓани на Република Северна Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...