fbpx

Грција по 25 јануари: Политичка или техничка влада?

-

Длабоката политичка поделеност во Грција создава страв и загриженост дека изборите на 25 јануари, наместо влада, може да донесат втор круг избори. Засега нема на повидок некаков договор за соработка меѓу политичките партии кои се во арената за парламентарните избори. Политичките аналитичари и политичарите во Грција го оценуваат ова сценарио како катастрофално и коментираат дека ќе се направи напор да се формира влада бргу по 25 јануари.

Најбезбедното сценарио е да се формира влада со апсолутно мнозинство, но досегашните анкети и рејтинзи не покажуваат со сигурност дека СИРИЗА, која е најпопуларна политичка опција, би можела да победи со толкав процент за да може сама да формира влада. Можноста првата партија да формира сама влада ќе зависи главно од процентот на мали партии, кои ќе бидат надвор од парламентот. Ако партиите кои нема да влезат во парламентот се 8-10 отсто, тогаш СИРИЗА би можела сама да формира влада. Многу работи ќе зависат од тоа дали партии како партијата на Јоргос Папандреу или Независни Грци ќе успеат да влезат и да соберат три отсто од гласовите или не. Колку е поголем процентот на мали партии надвор од парламентот, толку се поголеми шансите на СИРИЗА да формира влада сама.

Доколку ниту една партија не освои апсолутно мнозинство за да формира влада, според грчкиот устав, првите три партии добиваат мандат да се обидат да формираат влада. Според официјалната процедура, откако ќе се пребројат сите гласови по изборите, грчкиот претседател Каролос Папуљас ќе го повика лидерот на партијата што ќе победи на изборите и му дава мандат во рок од три дена да се обиде да формира влада. Доколку не успее, мандатот оди кај лидерот на втората партија, кој, исто така, има три дена да разговара со сите политички сили и да се обиде да состави влада, а ако и тоа не успее, му се дава мандат на лидерот од партијата која е на трето место по освоени гласови. Ако во рок од девет дена ниту една од трите најпопуларни партии не успее да формира влада, Папуљас ќе свика лидерска средба во обид да се формира влада од сите политички партии влезени во Парламентот. Доколку и тој обид не успее, се распишува втор круг на парламентарни избори и се формира итна техничка влада, која ќе ја води или првиот човек на државниот Совет или на Врховниот суд сè до формирањето нова влада. Грција помина низ овој процес во 2012 година, откако на предвремените избори ниту СИРИЗА, ниту Нова демократија и ПАСОК не успеаја да формираат влада со трите дадени мандати. Државата еден месец ја водеше техничка влада, предводена од Панајотис Пикраменос.

Новиот состав на собранието по изборите, независно од тоа дали ќе се избере влада или не, ќе мора да гласа за нов претседател на државата. Доколку биде формирана влада, изборот за претседател ќе оди поедноставно, но доколку не се формира, се очекува повторно неизвесен процес за избор на наследникот на Папуљас. За да се избере претседател, потребна ќе биде поддршка од 180 пратеници од вкупно 300 во грчкиот парламент. Доколку не се избере при првиот обид, тогаш по пет дена се оди на втор круг и потребното мнозинство за избор на претседател при вториот обид се 151 пратеник. Доколку не успее ни вториот круг, тогаш се оди на трет и како победник ќе биде кандидатот кој освоил најголемо мнозинство.

Досега во Грција не се случило паралелно со мандатите за формирање влада да се одвива и втора процедура за избор на претседател.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...