Грчкиот парламент денеска на полноќ ќе гласа за новиот изборен закон со кој се предлагаат клучни измени во начинот на кој владејачката партија влегува во законодавниот дом. Владејачката коалиција на СИРИЗА и на Независни Грци предлага укинување на бонусот од 50 пратеници за победничката партија на парламентарните избори и проширување на возрасната граница на гласачи со тоа што ќе им се дозволи на малолетниците на 17 години да гласаат.

Владата не успеа да добие поддршка од ниту една опозициска партија за овие измени, поради што извесно е дека законот нема да биде изгласан освен ако не случи некакво изненадување во последен момент.

За да биде изгласана промената за укинување на бонусот од 50 пратеници, неопходно е за неа да гласаат 200 пратеници, бројка која владиното мнозинство не успеа да ја собере. Засега само 179 пратеници се имаат изјаснето дека ќе ги поддржат промените на изборниот закон. До последен момент беше можно законот да го поддржат пратениците на Златна зора, кои одлучија сепак да гласаат воздржано. Одлуката директно ѝ помогна на владата на СИРИЗА, која со недели беше на удар на опозицијата дека владее со државата со помош на неонацистичка партија.

Според грчките закони, доколку денеска не бидат изгласани овие промени, тие ќе почнат да се применуваат не од следните, туку од изборите по нив. Најголемата опозиска партија Нова демократија се закани дека законот никогаш нема да се примени, тврдејќи дека следната влада ќе биде десничарска и таа ќе ги укине овие измени што ги предлага СИРИЗА.

Од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас, кој изминативе недели за законот разговараше тет-а-тет со сите лидери на партиите во грчкиот парламент, вчера испратија последен апел до левичарските ПАСОК и Река за тие да размислат дали сакаат да го одбијат овој предлог и да гласаат против него.

„ПАСОК и Река имаат можност да одлучат дали ќе го отворат патот за влада на напредна соработка или, пак, ќе одлучат да бидат опашка на Нова демократија, со што ќе ги урнат сите мостови со напредниот политички свет. Дилемата сега останува кај ПАСОК и Река. Дали ќе помогнат државата да заврти нова страна или, пак, ќе ѝ се вратат на Нова демократија“, велат извори од грчката влада.

Ципрас, според информациите во Грција, се очекува следниот период да го отвори и прашањето за уставни промени, фокусирајќи се на едно клучно прашање, односно измена на начинот на кој се избира претседателот во Грција.

Претседателот во Грција го избираат грчките пратеници, а Ципрас планира да предложи претседателот, како и парламентот, да се избира на народни избори.