Млечни производи, месо, но и спанаќ и грашок. Ова се само дел од продуктите кои граѓани ги купиле расипани, иако не им би поминат рокот на употреба. Тие периодов ги пријавуваат овие случаи во Организацијата на потрошувачи (ОПМ), од каде што за Мета.мк појаснуваат дека тоа е така затоа што во маркетите се икслучуваат фрижидерите од струја за да се штеди, а токму прекинувањето на ладниот ланец ги расипува производите.
„Имаме многу реакции за вакви случаи и во Скопје, но и во другите градови. Се однесуваат најмногу за расипани млечни производи, бидејќи со поскапувањето на електричната енергија и со наметнувањето дека треба да се штеди, маркетите ги исклучуваат фрижидерите. Да, тие може да ги ги исклучат кај пивото, но кај месото и млечните производи не смеат да ги исклучуваат“, вели Татјана Тасевска од ОПМ.
За несоодветно чување треба да се реагира во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), каде што има инспектори кои прават увид на терен и преземаат мерки. Во АХВ, за Мета.мк појаснуваат дека операторите со храна имаат законска обврска да го одржуваат ладниот ланец и да ја чуваат храната во разладните уреди на соодветна, односно на температура која е препорачана од производителите како еден од условите за пласман на безбедни производи на пазарот.
„Досега се поднесени 4 претставки од граѓани кои се пожалиле на несоодветно чување на производите поради исклучување на разладните уреди. Постапено е по сите претставки од страна на инспекциските служби. Од четирите пристигнати претставки од потрошувачи по овој основ, две се општи и се однесуваат на сомнеж за исклучување на фрижидери за чување на храна, една од претставките се однесува на сомнеж за небезбеден производ преработка од месо (салама), а втората за сомнеж за небезбедно чоколадно млеко“, информираат оттаму.
На прашањето, дали инспекторите казниле сопственици на маркети во врска со оваа појава, во АХВ со одогвор дека започнале со засилени инспекциски контроли откако имале сознанија за исклучување на фрижидери по маркети.
„Од 15 септември досега се спроведени 370 вонредни контроли во маркети и угостителски објекти, а постапуваа и по поднесените претставки до Агенцијата за храна и ветеринарство дека поради штедење на струја се исклучуваат разладните уреди во маркети и угостителски објекти, особено по завршување на работното време. Не е утврдена појава на исклучување на фрижидерите, односно, само кај 3 оператори констатирани се отстапки во температурниот режим, поточно на чување на производите на температура која не соодветствува со потребната која е декларирана на производите“, информираат оттаму.
За утврдените недоследности, додаваат оттаму, на операторите им се поднесени 3 платни налози. Кај 17 оператори со вонредните контроли утврдено е дека не воделе записи за следење на температурата во разладните уреди, за што се издадени 12 решенија и 5 едукации за отстранување на недоследностите.
„Инспекциските контроли продолжуваат и во наредниот период и ќе се спроведуваат како и досега и во раните утрински часови, односно пред отпочнување со работа на маркетите и угостителските објекти со цел утврдување на реалната фактичка состојба со чување на храната во разладните уреди“, велат во Агенцијата.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната од одобрените/регистрираните оператори, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на [email protected], или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22.