Извор на фотографија: Укринформ

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија го суспендира договорот за извоз на украинско жито, но и дека нема да прекине да учествува во договорот којшто овозможува безбеден транспорт со бродови. Тој изјави дека Украина морала да гарантира дека нема да биде закана за цивилните бродови или руските бродови за снабдување. Официјална Москва изјави дека ќе се повлече од договорот за извоз на жито, бидејќи Украина го искористила безбедниот коридор за да изведе напад врз руската црноморска флота, пишува Би-би-си.

Украина засега не презела одговорност за нападот на воени бродови врз руската црноморска флота што се случи викендов во Севастопољ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори дека Русија го уценува целиот свет со глад, по заканата дека руската страна ќе се повлече од договорот за извоз на украинското жито. Украинските власти тврдат дека официјална Москва подолго време бара изговор за да го напушти договорот.

Покрај тензичната ситуација, Украина информираше дека вчера од пристаништата испловиле 12 бродови натоварени со над 354.000 тони храна, меѓу кои и 40.000 тони жито наменети за Етиопија, каде што постои реална можност за појава на масовен глад.

Инаку, руските ракетни напади врз Украина предизвикаа редици на граѓани во главниот град Кијив, кои чекаат за да наполнат вода за пиење во шишиња. Околу 40 отсто од целокупното население на милионскиот град е оставено без вода за пиење откако Русија гаѓаше инфраструктурни објекти со ракети, пишува Гардијан. Весникот јавува дека по вчерашното бомбардирање, околу 20.000 корисници во Кијивскиот регион и понатаму се без снабдување со електрична енергија.

На фронтот во Украина и понатаму се гине. Како последица на руската агресија, во изминативе 24 часа загинале пет цивили на територијата на Украина. Само во Донецкиот регион се регистрирани тројца загинати цивили и тројца повредени како резултат на руските воени дејствија, јавува Укринформ.

Руските гранатирања врз населени места во Украина продолжија. Во регионот Суми на североистокот на Украина се регистрирани осум експлозии, од кои немало загинати и повредени лица. Најмалку едно лице загина како последица на руското гранатирање на пристанишниот град Миколаив, при што во нападот било погодено централното градско подрачје и станбена зграда, пренесува Гардијан.

Во Днипропетровскиот регион изминатово деноноќие Русија ракетирала станбени згради, куќи и други цивилни објекти во градовите Никопол и Марханец. Од ракетирањето без струја биле оставени над 10.000 домаќинства, додека вода за пиење немаат над 40.000 домаќинства во овој украински регион, пренесува Укринформ.