Градинките подготвени да ги примат дечињата, најтешко ќе биде да им се забрани гушкањето (галерија)

За помалку од една седмица (9 септември) градинките во земјава ќе почнат да примаат дечиња, а дотогаш раководствата во згрижувачките установи треба да се подготват согласно протоколите за заштита од ширење на ковид-19. „Мета.мк“ поразговара со неколку директори на градинки и родители во Скопје, пред реотварањето на објектите за најмалите.

Општина Чаир е општина со поголем наталитет споредено со некои други локални самоуправи. Овде училиштните паралелки се поголеми, како и групите во градинките, па затоа поразговаравме со Гзиме Бакиу, директорка на градинката „Фидани“ која има пет клонови (објекти) во општината.

– Ние имавме и од старите деца кои ќе продолжат да посетуваат градинка, но примивме и нови. Имаме простор да ги примиме сите, согласно протоколите. Сега нови дечиња се примаат со две потврди дека работат и мајката и таткото, како и самохраните вработени родители. Објектите се дезинфицирани неколку пати досега, два дена пред да почнеме ќе дезинфицираме пак. Секаде е дезинфицирано, местата на кои децата ќе спијат, јадат, занималните – вели Бакиу.

Во секоја група со деца до тригодишна возраст, нема да смее да има повеќе од шест деца. Во групите со деца од три до шестгодишна возраст, нема да смее да има повеќе од 15 дечиња. На влез, ќе се мери температура на секое дете, а во текот на денот ќе се следи нивната здравствена состојба.

– Ние во петте клонови имаме 40 групи, така што место доволно имаме. Досега имаме околу 450 деца кои се запишани да посетуваат градинка, таа бројка може да се промени бидејќи упис сè уште има. Ние имаме млад персонал, па многумина од нив ја користат мерката да седат дома со своите деца на возраст до 10 години. Но, се снајдовме и тоа го решивме на начин што воспитувачките и негователките со мали деца, ги запишавме во градинката кај нас, за да можат да доаѓаат на работа и да не трпи работата – додава Бакиу.

Маја Ристовска, директорката на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров, вели дека сега има голем интерес кај родителите да ги запишат своите деца во градинка бидејќи одат на работа и едноставно немаат друга опција за чување на децата.

– Кога пред извесно време правевме анкета за тоа дали би сакале да го носите детето во градинка, одговорите беа „не“. Сега имаме поинаква ситуација. Подготвени сме да ги отвориме вратите за децата. Ќе си имаат топол оброк, ќе си јадат по две деца на масичка, како што е предвидено по протокол. Родителите немам впечаток дека се исплашени, немаат друга опција бидејќи работат. Проблем е што децата сакаат да се дружат, да се доближуваат, сакаат да си зборуваат и да се гушкаат. Држењето растојание мислам дека ќе биде тешко да се одржи, но ќе им зборуваме за тоа. Инаку, ако во една занимална порано имало по 30 дечиња, сега ќе бидат 15. Имаме пет клонови, очекуваме да биде сè во ред. Вработените ќе носат маски, а на децата ќе им се мери температура – вели Ристовска за „Мета.мк“.

Во сите пет клонови во градинката „Росица“ ќе одат околу 460 деца на возраст до шест години.

Од друга страна, на социјалните мрежи имаше различни реакции од родителите по информацијата дека градинките повторно ќе ги отворат вратите за најмалите.

„Само не ми е јасно која е целта на онлајн наставата во училиштата? Нели целта е да не се шири вирусот, иако овие деца цело време се дружат во групи надвор без никакви мерки, а сега се носи одлука најмалите да одат во градинка, кои не знаат да се чуваат. Држењето растојание е невозможно да се примени во градинка“, вели една родителка.

Друга мајка вели:

„Градинките мора да се отворат. Вирусот може да трае со години, а на работното место не можеме да отсуствуваме со месеци и години. Многу родители останаа без работа, сте помислиле ли како се прехрануваат тие и како го поминуваат месецот, а не можат да работат бидејќи нема кој да им ги чува децата?“, прашува мајката.

„Мора да се врати животот во нормала, во сите земји се вратија децата во градинките и училиштата, а кога веќе размислувате за безбедноста на децата, тие не се безбедни ниту во парковите на отворено, а нон стоп ги носиме во паркови. Ние што одиме на работа можеме да заболиме од ковид-19 и болеста да им ја пренесеме на децата, така што тие ни дома не се 100 отсто заштитени“, вели друга родителка.