Германскиот министер за одбрана Борис Писториус повторно предупреди од опасноста за војна во Европа. Руската агресија врз Украина ја постави Германија пред нова реалност од која се одвикна уште пред 30 години, изјави вчера Писториус за радиото Дојчландфунк, пренесува германската новинска агенција ДПА.
„Ние психички за тоа не сме подготвени“, изјави министерот говорејќи за можниот напад од странски агресор. Но, тој додаде, Германија мора да се подготви за таквата опасност, од која ќе треба да се брани.
Не можете да се подготвите за опасноста која не ја воочувате и прифаќате. Во наредните неколку години треба да се искористи специјалниот фонд за војска и војската да се реструктурира. Меѓутоа, потребно е време за да се направи пресврт по 30 години промашувања, заклучи германскиот министер за одбрана.
Германскиот парламент минатата година одобри основање на специјален фонд за модернизација на Бундесверот вреден милијарди евра. Фондот го предложи канцеларот Олаф Шолц недолго откако руската војска ја нападна Украина.