Галовеј: Важно е да се видат завршени големите случаи на корупција

Клучно е граѓаните да го видат на дело владеењето на правото, е оценката на амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј. Денеска при посетата на Штип, британската амбасадорка беше прашана за коментар дали навистина профункционираа институциите по вчерашните случувања со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.  

„Мислам дека е извонредно важна борбата против корупцијата и граѓаните да имаат доверба во институциите и функционирањето на владеењето на правото и затоа мислам дека е важно да се видат овие големи случаи завршени за луѓето да имаат доверба дека правдата е достигната“, изјави Галовеј.

Во изминатите години, значајна беше британската поддршка за реформите во правосудството. Преку проекти поддржани од британски фондови, се спроведуваа обуки и друг вид на активности во функција на реформирање на правосудството. Амбасадорката Галовеј кажа дека таа поддршка ќе продолжи, но очекувањата се да се видат резултатите од тие реформи.

„Реформите што се направени е добар чекор напред и законите кои што се донесени се исто така во добра состојба. Предизвикот е тие да се применат и тоа очекуваме да го видиме во наредниот период“, кажа амбасадорката Галовеј.

Во функција на подобра економска и друг тип на соработка беше денешната средба што британската амбасадорка ја имаше со новиот штипски граодначалник, Сашко Николов. Во текот на средба се разговарало за соработка со компаниите од тесктилната индустрија и унапредување на минатогодишниот тренд на пораст на трговската размена.