fbpx

Фотографија од Ирак стара 20 години се споделува како да е направена сега во Газа

Важно е да се зборува за невините, цивилни жртви во кој било воен конфликт, но тоа не смее да се прави со неточни илустрации кои се споделени со цел да предизвикаат зголемен набој на емоции кај јавноста

-

Фотографијата која е прикачена на Фејсбук објавата и на која се гледат повеќе посмртни останки, нема никаква врска со цивилните жртви во Газа, туку е стара 20 години и е снимена во Ирак. Фотографијата е на Марко ди Лауро, направена е  на 27 мај 2003 година во Ал Мусајиб во Ирак. Иако е од огромна важност јавноста да биде точно и навремено информирана за она што се случува, особено за време на воени конфликти и кога станува збор за цивилни жртви, сепак тоа не треба да се прави преку манипулации, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се говори за цивилните жртви во Газа  е илустрирана со фотографија стара повеќе од 20 години, што претставува манипулација на корисниците на оваа социјална мрежа.

KRVAVIOT ZLOÇIN NA IZRAEL,SO SEKOJ DEN SÉ POGOLEM I POGOLEM.

24’ti DEN,NAD 10 000 CIVILNI ŽRTVI.

Žrtvite,nema veke kade da se zakopuvaat, пишува во објавата.

Израелско-палестинскиот конфликт трае речиси еден месец, но војна освен на терен се води и на интернет просторот. Социјалните мрежи, па и медиумите, секојдневно се полнат со дезинформации и манипулации од двете страни.

Голем дел од манипулациите се прават со стари фотографии и видеа кои се прикажуваат како да се случиле сега, a, всушност, се од пред овој конфликт, при што некои од нив се извадоци од видеоигри или направени со помош на алатки за вештачка интелигенција.

Една таква фотографија, која се уптотребува за да се манипулира јавноста, е вознемирувачка сцена од загинати луѓе покриени со чаршафи. Но, оваа фотографија нема никаква врска со цивилните жртви во Газа, како што се тврди во објавата, туку е фотографија стара 20 години.

Оваа вознемирувачка сцена е фотографирана на 27 мај 2003 година од фотографот Марко ди Лауро во Ал Мусајиб во Ирак. На фотографијата е прикажано ирачко дете како прескокнува посмртни останки  пронајдени во масовна гробница јужно од Багдад. Телата биле донесени во училиште заради идентификација од членовите на семејството, кои барале лични карти и други траги меѓу скелетите за да ги идентификуваат исчезнатите членови на нивните семејства. Жртвите прикажани на фотографијата, беа убиени од владата на Садам Хусеин по шиитскиот бунт што се случи по Заливската војна во 1991 година.

Ова не е првпат оваа фотографија да биде употребена да претстави нешто што не е така. Во 2012 година, и британскиот јавен сервис Би-Би-Си, ја употреби истата оваа фотографија за да го прикаже маскарот кој што се случил во Хула во Сирија.

Како што се расплетувала вонредната вест за масакрот во Хула во Сирија, членовите на персоналот забележале моќна фотографија која кружела на Твитер, на која се прикажани обвиени тела во редови, по што фотографијата била објавена на Би-Би-Си Њуз веб-страница, со оградување дека не може да се потврди независно.

Авторот на фотографијата, Марко ди Лауро кога ја видел фотографијата на Би-Би-Си потврдил за Дејли Телеграф дека сликата која наводно ги прикажува шокантните последици од масакрот во Хула во Сирија, е фотографија што ја направил во Ирак во 2003 година. Тој објави на Фејсбук:

Некој ги користи моите слики како пропаганда против сириската влада за да го докаже масакрот.

Во меѓувреме, Би-Би-Си, предупредени од корисниците ја тргна фотографијата 90 минути откако беше објавена.

Ди Лауро објави и објаснување за фотографијата на својата веб-страница.

Забележав дека мојата фотографија, направена во Ирак во 2003 година, ненамерно беше злоупотребена од новинските организации ширум светот. Како фоторепортер, моја должност е да ги документирам настаните како што се одвиваат, не одразувајќи ниту политичка наклонетост, ниту проценка. Ова е одговорност која е многу важна и загрижен сум да дознаам дека мојата работа е погрешно претставена на овој начин без соодветна анализа. За да појаснам, ја направив сликата во 2003 година, кога работев на приказна насловена Ирак, последиците од Садам, напиша Лауро.

Иако е од огромна важност јавноста да биде точно и навремено информирана за она што се случува, особено за време на конфликти и кога станува збор за цивилни жртви, сепак тоа не треба да се прави преку манипулации. Важно е да се зборува за невините, цивилни жртви во кој било воен конфликт, но тоа не смее да се прави со неточни илустрации кои се споделени со цел да предизвикаат зголемен набој на емоции кај јавноста.

Фотографијата што е споделена на оваа објава нема никаква врска со Израелските напади врз делови на Палестина. Таа е снимена цели 20 години претходно, односно во 2003 година во Ирак. Затоа, оваа објава ја оценуваме како манипулативна зашто во неа се манипулира со контекстот.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...