fbpx

Фон дер Лајен: Уставните измени се неопходен чекор за пристапување во ЕУ, секоја партија со своја одговорност

Со нетрпение очекувам да се сретнеме таму. Еден ден, сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со македонскиот јазик, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека земјава постигнала многу и дека скрининг процесот се одвива беспрекорно

-

Уставните измени се неопходен чекор на патот кон пристапувањето во ЕУ. Изборот е ваш и затоа се надевам дека сите партии ќе ги поддржат уставните измени. Секоја партија има своја одговорност и затоа се надевам дека измените ќе бидат поддржани со широко мнозинство.

Ова го порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје. Таа вчера ја започна својата четиридневна посета на земјите од Западен Балкан, а денеска ќе го посети Косово. Рече дека секогаш е задоволство да се посети Скопје и оцени дека државата е на добар пат да се приклучи кон европското семејство.

„Со нетрпение очекувам да се сретнеме таму. Еден ден, сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со македонскиот јазик“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека земјава постигнала многу и дека скрининг процесот се одвива беспрекорно.

Во однос на евентуалниот датум за приклучување кон ЕУ, таа рече дека сè се базира на заслуги, притоа не прецизирајќи датуми или години.

„Имате прозор на можности и ајде да го искористиме“, порача Фон дер Лајен.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Фон дер Лајен доаѓа со конкретни исчекори и планови за приближување на земјата кон ЕУ.

„Така беше и лани во октомври, кога го потпишавме договорот со Фронтекс кој е прв на македонски јазик. Денес разговаравме за конкретен план за раст на Западен Балкан. Овој план ние го баравме од ЕУ, па затоа сакам да ѝ се заблагодарам неа и на нејзиниот тим кои работеа на Планот за раст. Тоа ќе даде силен поттик на процесот на евроинтеграциите, како и политичката и економската патека на која почива ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со планот се отвораат безброј можности, како отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери; зголемување на опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз, скратување на времето за чекање на границите, намалување на трошоците за транспорт, непречено движење на услуги во делот на е-трговијата, либерализација на транспортот односно патниот сообраќај.

Тој потенцираше дека европската ориентација на државата дава резултати, а како поткрепа на тоа кажа дека од почетокот на независноста, грантовите и макрофинансиската поддршка на земјава изнесуваат 3,3 милијарди евра. Инвестициите во ТИРЗ заклучно со 2023, според Ковачевски, изнесуваат 2 милијарди евра наспроти 600 милиони евра во 2016 година, акумулативно.

Фото: Влада на РСМ

„Ова е показател дека европскиот пат е правилниот пат. Со членството во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите меѓутоа и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој на состанокот со Фон дер Лајен истакнал дека Северна Македонија треба да го искористи моментот и да се фокусира на реформскиот процес, имајќи предвид дека динамиката на проширување ќе зависи од брзината со која земјите работат на европеизација на општествата. Северна Македонија, со веќе 50% усогласено законодавство со ЕУ, има најголем успех на доближување со европското законодавство, од сите земји во регионот, рекол Ковачевски.

Таа вчера попладне во Скопје беше пречекана од вицепремиерот Бојан Маричиќ, по што беше примена од претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, а се сретна и со собранискиот спикер, Талат Џафери.

Фон дер Лајен се сретна и со членови на македонската делегација која ја сочинуваа Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедницитa, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и Азир Алиу, министер за информатичко општество.

Фото: Влада на РСМ

Фон дер Лајен изјави дека не се сретнала со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски бидејќи каде и да патува, практика ѝ е да се сретнува со претседателот на Владата и претседателот на државата.

По Скопје, таа заминува за Приштина, а ќе ја продолжи балканската турнеја во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

Како што е најавено од Брисел, за време на посетата на главните градови на Западен Балкан, претседателката на Европската комисија ќе ја претстави Инвестициската рамка за Западен Балкан, која е заедничка иницијатива на Европската Унија, финансиските институции и донаторите, насочена кон социо-економскиот развој и европската перспектива на земјите на Западен Балкан.

Инвестицискиот пакет планиран од Унијата за развој на регионот изнесува шест милијарди евра, од кои 2,1 милијарди евра грантови и четири милијарди евра кредити, со тоа што оваа помош за регионот ќе биде условена од степенот на спроведените реформи во секоја од земји одделно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...