Управата за финансиска полиција со асистенција на единиците од Министерството за внатрешни работи (МВР), а под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес во раните утрински часови на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид извршува претреси и се приведуваат осомничени лица, соопштуваат оттаму.
„Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка од економски криминал под кодно име „Синџир“ за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството што Управата за финансиска полиција ја спроведе со обвинителството и истражители од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, наведено е во соопштението од финансиската полиција.
Во меѓувреме, Основниот кривичен суд Скопје од Основното јавно обвинителство за
гонење организиран криминал и корпуција, пристигнал предлог за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство против 26 осомничени, како и 10 барања за определување привремени мерки – замрзнување имот, а поврзани со акцијата на Управата за финансиска полиција со кодно име „Синџир“.
„Со оглед на обемноста на предлозите и големиот број опфатени лица судот со дополнителни детали, за предложените мерки, ќе извести во текот на утрешниот ден“, наведено е во соопштението од судот.