fbpx

Фон дер Лајен: Ќе се исполни сонот на младите Северна Македонија да биде членка на ЕУ

-

Кратка посета, но со конкретна агенда и помош од Европската Унија за земјава. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во македонскиот главен град дојде и со конкретна порака до македонските граѓани – заедно ќе ја пребродиме актуелната енергетска криза, со која се соочува целиот европски континент.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањето за вметнување на Бугарите како народ во македонскиот Устав рече оти е уверена дека земјата ќе продолжи да се движи напред на патот кон членството и го заслужува тоа.

„Младите сонуваат за Европа, уверена сум дека сонуваат Северна Македонија да биде членка на ЕУ и да биде местото каде тие ќе сакаат да ја обликуваат својата иднина“. рече Фон дер Лејен додавајќи оти е убедена оти овој сон на младите ќе биде исполнет.

Вчера вечер во седиштето на Владата на РСМ беше потпишан Договорот со ФРОНТЕКС, а беа ветени и неповратни средства од ЕУ во висина од 80 милиони евра како прва помош за справување со енергетската криза за Северна Македонија.

Значаен момент е потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, којшто е прв ваков договор потпишан помеѓу Европската комисија и земјава на македонски јазик. Договорот го потпишаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и амбасадорот на Чешката Република во земјава, Јарослав Лудва, во име на чешкото претседателство со Советот на ЕУ. На настанот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Станува збор за договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија“, информираат од Владата на РСМ.

Од страна на владините претставници и на претставниците од Европската комисија е споделена заедничка согласност дека потпишувањето на овој прв договор помеѓу Северна Македонија и ЕУ е на македонски јазик, без какви било ѕвездички и фусноти, покрај јазиците на земјите-членки на ЕУ. Ова е потврда на дело за почитувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет од страна на Европската Унија, информираат од владината прес-служба.

Потпишаниот договор на оперативно ниво ќе овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или на странски полициски службеници на критични точки на границите, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата се обезбедуваат можности за сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки и слично. Договорот ги уредува сите прашања неопходни за распоредување тимови за управување со границите од постојаниот корпус на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија, при што членовите на тимот можат да вршат извршни овластувања.

По потпишувањето на договорот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објави на Твитер на македонски и англиски јазик дека потпишувањето на договорот е важно, и тоа не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграцијата, туку поради тоа што е преведен на македонски јазик.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен информираше дека ЕУ на Северна Македонија ќе ѝ даде финансиска поддршка за справување со актуелната енергетска криза, при што првата транша е во износ од 80 милиони евра којшто ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата до крајот на годината.

„Првата транша на помош како што кажа и претседателката на комисијата е 80 милиони евра грант којшто ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата, до крајот на годината. Значи во наредните два месеци ќе бидат направени сите формалности и веќе од јануари ќе можеме да ги повлечеме средствата за буџетска поддршка. Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци, јануари, февруари, март, ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени коишто Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година којшто наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе влезе во Собранието“, посочи премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа нема да биде единствената помош, бидејќи потоа како што соопшти и претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен веќе се размислува и за нова помош, не само во грантови туку и во регионална помош за финансирање на капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување на нови извори на снабдување со електрична енергија.

Претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен изјави дека солидарноста и заедништвото коешто го покажува Европската Унија на европско ниво, исто така значи солидарност и заедништво со Северна Македонија, а тоа значи дека ќе ја решиме и надминеме оваа криза и ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите пријатели во Украина.

„Мојата порака денес до граѓаните на Северна Македонија е многу јасна. Европската Унија е на вашата страна. Ние сме заедно во ова и ќе поминеме низ ова заедно и ќе ја надминеме оваа криза заедно“, изјави фон дер Лајен во Скопје.

Таа додаде и за 500 милиони евра грантови што ќе бидат достапни за земјите од Западен Балкан за да се инвестира во енергетска независност, нови енергетски поврзувања, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Претседателката на Европската комисија спомена можност за изградба на ветерни паркови, соларни електрани и гасоводни конектори на земјава со соседните земји Косово и Србија.

И премиерот Ковачевски изјави дека помошта што допрва би следела ќе биде насочена кон големи проекти во регионот за изградба на гасни централи и на други енергетски постројки за стабилизирање на производството на електрична енергија во Западен Балкан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...