Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) реагираше со соопштение по повеќе написи во медиумите во кои се посочува дека внукот на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, добил неколку грантови. Оттаму ги отфрлаат обвиненијата дека станува збор за корупција посочувајќи дека ФИТР е „единствена институција во државата која има сертификат ISO : 31007 за борба против корупција“.
Тие велат дека компаниите со кои се поврзува Дрин Ахмети, „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“, кои се добитници на финансиска поддршка под инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”, и претходно аплицирале за поддршка, но биле одбиени.
Според ФИТР, „тоа значи дека секоја компанија која не ги исполнува критериумите за подобност на апликант и добил негативна оценка од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, нема да биде одобрен за финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој“.
Оттаму посочуваат дека сите пријавени компании на нивните јавни повици поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза.
„Проектите се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликантот и влијание на проектот“, соопшти ФИТР додавајќи дека сите проекти кои ќе добијат просечена оцена од минумум 51 поен продолжуваат во следна фаза, а Финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), составен од 5 светски експерти.
Како што велат оттаму, претседател на КОИ бил Марвин Лиао, поранешен директор на Јаху кој имал инвестирано во над 400 стартапи.
„Исто така, сакаме да истакнеме дека согласно Правилникот на инструментот, финансиската поддршка од страна на Фондот е повратна и истата се врши по стапка од 7,5% од оперативната добивка на корисникот, до остварување на поврат на 105% од износот исплатен од страна на Фондот, или пак за период од пет години по завршување на проектот, во зависност од тоа кој услов е прв остварен“, соопшти ФИТР.