ФИНКИ денеска протестира за просторните проблеми, БРО не ги отстапува бараките

Објектот на улицата „Руѓер Бошковиќ“ број 20 ги скара ФИНКИ и БРО. Факултетот напладне излегува на протест, а Бирото за развој на образованието е децидно дека нема да ги отстапи своите бараки

ФИНКИ
ФИНКИ / фото: Мета.мк

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска во 12 часот излегува на протест пред Владата со барање за подобрување на условите за студирање на студентите поради просторниот проблем со кој се соочува установата. На протестот е најавено дека ќе се одржи и редовна седница на Наставно-научниот совет на факултетот.

Со повеќе од 5.000 студенти, ФИНКИ е најброен факултет во државата, но вистински предизвик за управата на факултетот е тоа што институцијата нема доволно простор за да ги смести сите запишани студенти.

ФИНКИ пред два дена јавно побара од Владата да донесе одлука за давање на времено или трајно решение на објектот кој се наоѓа во склоп на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ. Исто така, бараше Владата да го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус. Две од овие бараки, тврди ФИНКИ, се во сопственост на УКИМ, а една е во сопственост на државата.

„Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и согласно тоа, Факултетот се обрати до Владата истите да бидат ослободени. Дополнително, Факултетот бара објектот кој е во сопственост на државата да му биде даден на времено или трајно користење без надомест“, се вели во барањето на ФИНКИ.

Од Бирото за развој на образованието утрово излегоа со реакција на барањата на ФИНКИ. Од таму велат дека повеќе од 40 години се сместени во бараките кои се сопственост на државата и дека од овој простор зависи секојдневната работа на образовните установи и кадар во земјава.

„Институцијата повеќе од 40 години е сместена во „привремени“ објекти/бараки во сопственост на државата за кои домаќински се грижи и ги одржува за непречено одвивање на работните задачи во нејзина надлежност и од чија реализација зависи и секојдневната работа на училиштата, наставниците, директорите на училиштата, како и на другите институции и организации од областа на образованието“, се вели во дописот на БРО до медиумите.

Реагираат дека ФИНКИ во последната година врши постојан притисок до МОН и Владата за дислоцирање на БРО и дека факултетот „се дрзнува да бара произволни решенија за Бирото“.

„И покрај тоа што Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии, како и Агенцијата за катастар на недвижности дадоа негативни мислења на нивното барање и се во прилог на задржување на просториите од страна на Бирото за развој на образованието, ФИНКИ продолжува решението на сопствениот проблем да го бара во „преселување“ на друга институција, наместо да ги „притиска“ надлежните институции да им се доизгради започнатиот објект во Универзитетскиот кампус (или оној објект, исто така, наменет за нив, во кампусот на ПМФ) и трајно да го реши просторниот проблем“, реагираат од Бирото за развој на образованието.

Децидни се дека ќе продолжат да работат согласно своите надлежности на истата локација, во бараките на улицата „Руѓер Бошковиќ“ број 20 и оти сè додека не добијат сопствен објект, нема да дозволат „селење во непознат правец“.

„Исто така, ги информираме Министерството за образование и наука, Владата и сите други надлежни институции дека нема да прифатиме никакво решение во врска со просториите на Бирото за развој на образованието, доколку во процесот на изнаоѓање решение не бидат вклучени претставници од Бирото и не бидат земени предвид сите потреби и специфики поврзани со дејноста на Бирото за развој на образованието. Во спротивно, иако за нас неприфатливо, но според „обрасците“ на однесување во државата и решавање на проблемите со притисоци, информираме дека ќе ги запреме нашите секојдневни активности и ќе ги повикаме на поддршка сите соработници (наставници, директори, воспитувачи, стручни соработници…)“, велат од БРО.

Од Бирото велат дека го поддржуваат ФИНКИ во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава , но фрлаат и сомнеж врз намерите на факултетот, прашувајќи дали ова е првиот чекор за „атрактивната локација“ да прерасне во повеќенаменски објект за засега непознати намени.

МОН: ФИНКИ ќе добие свој објект, не гледаме трајно решение во идејата да се доделат просториите на БРО