Најбројниот факултет во државата утре на протест пред Владата: Бараат „подобри услови за студирање“

Целта на протестот, велат од ФИНКИ, е „укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот“, алудирајќи на просторниот проблем со кој се соочува установата

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), со одлука на деканатската управа, утре во 12 часот излегува на мирен протест пред Владата. Покрај деканот и продеканите, членови на деканатската управа се и раководителите на институтите и еден член избран од Факултетското студентско собрание. Од факултетот соопштија дека на протестот ќе се одржи 25-тата редовна седница на Наставно-научниот совет.

Целта на протестот, велат од ФИНКИ, е „укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот“ алудирајќи на просторниот проблем со кој се соочува установата. Со повеќе од 5.000 студенти, ФИНКИ е најброен факултет во државата, но вистински предизвик за управата на факултетот е тоа што институцијата нема доволно простор за да ги смести сите запишани студенти.

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски за Мета.мк вели дека одлуката за протестот доаѓа по неисполнетите ветувања на Владата во однос на нивното барање.

„Одлуката е донесена затоа што во досегашниот период добивавме информации од Владата дека ќе се одлучи позитивно по нашето барање упатено уште мината година во мај и добивме поддршка и информации дека тоа ќе се случи, но на владина седница во февруари, пред да се распишат претседателските избори, кога конечно беше ставена на дневен ред, одлуката беше одложена за една седница, а потоа и за месец дена. После тоа, кога помина вчерашната седница, добивме информација дека нема да се оди во насока на одобрување на нашето барање за добивање дополнителен простор на Техничкиот кампус“, вели Јакимовски.

Инаку, пред два дена ФИНКИ јавно побара од Владата, на својата следна седница да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа во склоп на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ.

Исто така, факултетот бараше Владата да го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус. Две од овие бараки, вели ФИНКИ, се во сопственост на УКИМ, а една е во сопственост на државата.

„Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и согласно тоа, Факултетот се обрати до Владата истите да бидат ослободени. Дополнително, Факултетот бара објектот кој е во сопственост на државата да му биде даден на времено или трајно користење без надомест“, се вели во барањето на ФИНКИ.

Од МОН, под чија капа е БРО, за Мета.мк вчера изјавија дека не гледаат трајно решение во идејата да се релоцира Бирото, затоа што просториите на бараките што ги бара ФИНКИ не одговараат на потребите за спроведување настава.

„Со евентуално доделување на просториите во кои во моментот е сместено Бирото за развој на образованието, ФИНКИ ќе се смести во објект кој не исполнува услови за реализација на наставно научен процес, а од друга страна БРО како институција која врши стручни работи од значење за развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието во државата ќе остане без просторни услови за обавување на законските надлежности. Така што, МОН не гледа трајно решение во идејата иницирана од високообразовната установа“, рекоа од Министерството за Мета.мк.

Од друга страна, деканот Јакимовски вели дека преземањето на просториите на БРО на Техничкиот кампус не е трајно решение, но оти се принудени да бараат краткорочни алтернативи затоа што изградбата на зградата на ФИНКИ не е ниту на повидок.

„Тие простории ние планираме да ги реновираме откако ќе бидат доделени. Такви простории веќе користиме, тоа се секако бараки кои се постари, но ние вложуваме максимални напори истите да ги адаптираме во соодветен простор за настава. Секако дека може подобро, но ете цел Факултет за драмски уметности се наоѓа во такви бараки. Ние користиме три такви бараки за настава. Тоа што е моментално достапно, на краток рок, гледаме да го искористиме. Верувам дека не претставува голем проблем државата да го премести на друга локација на Бирото за развој на образованието кое е во состав на МОН“, вели деканот на ФИНКИ.

Како што посочи Јакимовски, на факултетот му бил понуден простор во Градски стадион, но според него, тој простор не може да се адаптира на нивните потреби.

Од МОН, пак, потенцираа дека ФИНКИ ќе добие зграда во склоп на општествениот кампус на УКИМ, чија изградба во моментов е стопирана. Објектот, кој почна да се гради пред повеќе од осум години требаше да биде новиот дом на ФИНКИ. Објектот остана полуизграден откако во јули 2019 фирмата-изведувач „Бетон-Штип“ отиде во стечај. Во Буџетот за 2024 година не се предвидени средства за продолжување на изградбата на оваа зграда која беше дел од проектот Скопје 2014.

Деканот додава дека бараат дополнителен простор сега за управата да има време од неколку месеци да ги адаптира и реновира просториите пред почетокот на новата академска година во октомври.

Факултетот најави дека почнува со серија мирни протести, сè до остварување на целта.

МЕТА ФАКТ: Помина уште една година, ветената доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФК не продолжи