ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Управата на факултетот вчера одржала седница, на која се расправало, како што соопштија, за односот на Владата и МОН кон барањето за привремено надминување на просторниот проблем

ФИНКИ
ФИНКИ / фото: Мета.мк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000 студенти, ФИНКИ е најголемата високообразовна установа во државата, но вистински предизвик за управата на факултетот е тоа што институцијата нема доволно простор за да ги смести сите запишани студенти.

И покрај тоа што информатиката е една од најпросперитетните науки денес, дванаесет години откако започна со работа, факултетот сè уште нема свој сопствен објект, па за настава се користат простории од други факултети, што пак им создава проблем и на студентите и на нивните наставници.

Управата на факултетот вчера одржала седница, на која се расправало, како што соопштија, за односот на Владата и Министерството за образование и наука (МОН) кон барањето за привремено надминување на просторниот проблем.

На седницата било одлучено ФИНКИ да побара од Владата на својата следна седница да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа во склоп на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ, согласно барањето што институцијата веќе го испратила до Владата во мај минатата година.

Исто така, факултетот бара од Владата да го задолжи МОН во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус. Две од овие бараки, вели ФИНКИ, се во сопственост на УКИМ, а една е во сопственост на државата.

„Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и согласно тоа, Факултетот се обрати до Владата истите да бидат ослободени. Дополнително, Факултетот бара објектот кој е во сопственост на државата да му биде даден на времено или трајно користење без надомест“, се вели во барањето на ФИНКИ.

Ако Владата не донесе позитивна одлука за овие барања, факултетот најавува „порадикални мерки“ – протести и штрајк.

„Доколку Владата на следната седница не донесе позитивна одлука по барањето на Факултетот, односно повторно ја одложи точката која е од суштествено значење за нормално спроведување на наставата на Факултетот, ќе бидеме приморани да преземе порадикални мерки. Факултетот задржува право, до остварување на овие барања, јавно да го искажува своето незадоволство со одржување на протести и штрајк“, соопштија од ФИНКИ.

Објектот што го бара ФИНКИ, а се наоѓа на КП бр. 1856, КО Карпош, ИЛ бр. 47924 (обележано со црвено) / фото: katastar.gov.mk (Принтскрин)

Во барањето упатено до Владата, од ФИНКИ велат дека уште од своето формирање се соочуваат со просторни проблеми, што го попречува понатамошниот развој на факултетот.

Мета.мк веќе пишуваше за просторниот проблем на ФИНКИ. Долгонајавуваната зграда што треба да ја добие факултетот, а која почна да се гради на Општествениот кампус на УКИМ, остана недоградена. Надежите дека изградбата ќе продолжи се вратија минатата година, но повторно замреа кога тоа не се случи.

Во Буџетот за 2024 година не се предвидени средства за продолжување на изградбата на зградата на ФИНКИ и неговиот несуден сосед – Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ).

Од ФИНКИ велат дека нивното барање било поставено како точка на две последователни седници на Владата во изминатите два месеца, но никогаш не била донесена одлука.

Владата го задолжила МОН во рок од 30 дена да изнајде решение за дислокација на БРО, а Министерството за образование и наука на средбата со претставници на УКИМ информирало дека „активно не постапува по задолжението“, велат од ФИНКИ.

МЕТА ФАКТ: Помина уште една година, ветената доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФК не продолжи