МОН: ФИНКИ ќе добие свој објект, не гледаме трајно решение во идејата да се доделат просториите на БРО

Од МОН велат дека ФИНКИ ќе добие зграда во склоп на општествениот кампус на УКИМ, но изградбата во моментов е стопирана. Објектот кој требаше да стане дом на ФИНКИ почна да се гради пред повеќе од осум години, но остана недограден, откако во јули 2019 фирмата-изведувач „Бетон-Штип“ отиде во стечај

фото: Мета.мк (јануари 2023 година)

Со евентуално доделување на просториите во кои во моментов е сместено Бирото за развој на образованието (БРО), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) би добил објект кој не исполнува услови за реализација на наставата. Ова е одговорот од Министерството за образование и наука (МОН) по вчерашното јавно излагање на ФИНКИ во кое факултетот, барајќи решение за просторниот проблем, ѝ порача на Владата да изврши релокација на БРО, чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус.

Доколку бараките бидат отстапени на ФИНКИ, Бирото ќе остане без свој простор, додаваат од МОН.

„Со евентуално доделување на просториите во кои во моментот е сместено Бирото за развој на образованието, ФИНКИ ќе се смести во објект кој не исполнува услови за реализација на наставно научен процес, а од друга страна БРО како институција која врши стручни работи од значење за развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието во државата ќе остане без просторни услови за обавување на законските надлежности. Така што, МОН не гледа трајно решение во идејата иницирана од високообразовната установа“, велат од Министерството за Мета.мк.

Од таму велат дека ФИНКИ ќе добие зграда во склоп на општествениот кампус на УКИМ, но изградбата во моментов е стопирана. Објектот кој требаше да стане дом на ФИНКИ почна да се гради пред повеќе од осум години, но остана недограден, откако во јули 2019 фирмата-изведувач „Бетон-Штип“ отиде во стечај.

„ФИНКИ ќе добие целосно нов објект во склоп на кампусот на УКИМ. Како што е познато, тој објект започна да се гради, но постапката во моментов е стопирана, поради стечај на изведувачот на градежните работи. Информираме дека по ревизија на проектот и проценка на извршените активности од договорот, ќе се избере нов изведувач кој целосно ќе го заврши објектот“, велат од МОН.

Од ФИНКИ вчера соопштија дека Управата на факултетот одлучила да побара од Владата на својата следна седница да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа во склоп на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ, согласно барањето што институцијата веќе го испратила до Владата во мај минатата година.

Исто така, факултетот побара од Владата да го задолжи МОН во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус. Две од овие бараки, вели ФИНКИ, се во сопственост на УКИМ, а една е во сопственост на државата.

„Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и согласно тоа, Факултетот се обрати до Владата истите да бидат ослободени. Дополнително, Факултетот бара објектот кој е во сопственост на државата да му биде даден на времено или трајно користење без надомест“, се вели во барањето на ФИНКИ.

Ако Владата не донесе позитивна одлука за овие барања, факултетот најавува „порадикални мерки“ – протести и штрајк.

Мета.мк веќе пишуваше за просторниот проблем на ФИНКИ. Долгонајавуваната зграда што треба да ја добие факултетот, а која почна да се гради на Општествениот кампус на УКИМ, остана недоградена. Надежите дека изградбата ќе продолжи се вратија минатата година, но повторно замреа кога тоа не се случи.

Во Буџетот за 2024 година не се предвидени средства за продолжување на изградбата на зградата на ФИНКИ и неговиот несуден сосед – Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ).

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк