fbpx

Финансиската помош од ЕУ за Украина не значи дека Европа е во војна со Русија

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина

-

ЕУ никогаш не повикала на војна со Русија, туку ѝ помага на Украина да го зачува својот територијален интегритет и демократско општество. Европа ја осудува руската агресија и повикува на нејзин прекин. Што се однесува до тврдењето дека македонските граѓани треба да се подготват за мобилизација, истото е паушално. Никој кај нас досега не најавил никаква мобилизација. Оваа шпекулација досега многупати се протнуваше на социјалните мрежи, а Вистиномер истата ја дебанкираше, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Европа, а не Украина, е во војна со Русија. Ваквото тврдење е неточно.

Дали веќе ви станува јасно дека не Украина ами Европа е повторно во војна со Русија. Подготвувајте се за мобилизација, стои во објавата.

Тврдењето дека Европа е во војна со Русија доаѓа по постигнатиот договор на 1 февруари 2024 година на земјите членки на Унијата за обезбедување 50 милијарди евра помош за Украина.

Имаме договор. Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на буџетот на ЕУ. Ова значи стабилно, долгорочно, предвидливо финансирање за Украина. ЕУ презема лидерство и одговорност за поддршка на Украина, знаеме што е под ризик, објави дента претседателот на Европскиот совет,Шарл Мишел на платформата Икс.

Како што објави Унијата, пакетот финансиска помош е нов инструмент на ЕУ за да ѝ помогне на Украина во нејзиното закрепнување, реконструкција и модернизација на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ.

Во износ од вкупно 50 милијарди евра, 33 милијарди евра ќе бидат заеми и 17 милијарди евра ќе бидат грантови (според новиот тематски инструмент, познат како резерва на Украина).

За да обезбеди сопственост на Украина врз нејзиното закрепнување и реконструкција, украинската влада треба да подготви план кој поставува реформска и инвестициска агенда. За да го добие финансирањето, Украина, исто така, мора да ги поддржува и почитува: демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем, владеењето на правото човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата.

Што се однесува до ставот на Унијата за војната во Украина, ЕУ и нејзините земји-членки се обединети во нивната непоколеблива поддршка за Украина и цврсто ја осудуваат руската брутална воена агресија против Украина и нелегалната анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Тие, исто така, го осудуваат учеството на Белорусија во руската воена агресија.

Од февруари 2022 година, Европскиот совет и Советот на Европската унија редовно се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Украина од различни перспективи.

Русија мора веднаш да ја прекине оваа страшна војна. Европската унија ќе застане до Украина со својата цврста поддршка онолку долго колку што е потребно, стои во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.

ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.

ЕУ ќе биде со вас и вашиот народ утре и онолку долго колку што е потребно. Ќе бидеме веднаш покрај вас за да ја обновиме модерната, просперитетна Украина цврсто закотвена на нашиот заеднички европски пат, изјави Мишел на 3 февруари 2023 година на прес-конференцијата на самитот ЕУ-Украина во Киев.

ЕУ и нејзините граѓани се во целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ. ЕУ презеде мерки без преседан за поддршка на Украина и нејзиниот народ. Мерките вклучуваат:

  • економска и финансиска помош
  • хуманитарна помош
  • поддршка за цивилна заштита
  • воена поддршка
  • прием на бегалци преку механизмот за привремена заштита на ЕУ
  • поддршка во истрагата и гонењето на воените злосторства
  • поддршка во обновата на демократска Украина.

ЕУ усвои голем број санкции како одговор на руската агресивна војна против Украина и нелегалната анексија на украинските региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Мерките се дизајнирани за да ја ослабат економската база на Русија, лишувајќи ја од критичните технологии и пазари и значително ја намалуваат нејзината способност да води војна.

Во овој контекст, ЕУ, исто така, усвои санкции против: Белорусија, како одговор на нејзината вмешаност во инвазијата на Украина и Иран во врска со употребата на ирански беспилотни летала во руската агресија против Украина.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека македонските граѓани треба да се подготват за мобилизација, истото е паушално и невтемелено на никакви факти и доказ, туку е произволно толкување кое произлегува од претходно искажанито став дека Европа наводно е во војна со Русија. Никој кај нас досега не најавил никаква мобилизација. Оваа шпекулација досега многупати се протнуваше на социјалните мрежи, а Вистиномер истата ја дебанкираше. Северна Македонија е членка на НАТО, но не е членка на ЕУ.

Министерката за одбрана досега во неколку наврати изјави дека Македонија, како членка на НАТО, ќе праќа воена опрема како помош за Украина, но дека нема да испрати војници.

И од НАТО Алијансата досега неколкупати потенцираа дека НАТО нема да стане страна во војната, дека тоа е војна меѓу Русија и Украина, а НАТО ќе ја поддржува Украина во нејзината намера за одбрана на територијалниот интегритет.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во мај годинава на светскиот економски форум во Давос рече дека НАТО нема да испрати свои војници во Украина, бидејќи сака да избегне војна со Русија.

Главната одговорност на НАТО е да ги заштити сите свои сојузници и да направи се за да спречи ескалација на оваа војна. Не сакаме да предизвикаме конфликт, туку да го спречиме и да го зачуваме мирот, рече Столтенберг.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Европа не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани.

Европа ја осудува руската агресија и повикува на нејзин прекин. ЕУ никогаш не повикала на војна со Русија, туку ѝ помага на Украина да го зачува својот територијален интегритет и демократско општество. Ако Русија одлучи да ја прекине војната и да ги повлече своите војници, тогаш ќе нема војна на европско тло. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Европска недела на имунизација: Слушајте ги научниците, а не дезинформациите

Во Градскиот парк во Скопје денеска се одбележа Европската недела на имунизација, со повици за поголема вакцинација. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил...