fbpx

ЕУ: Спроведување и резултати од договорите со Грција и со Бугарија, но и „постојани и неповратни реформи“

Декларацијата од самитот ЕУ-Западен Балкан, издадена и на македонски јазик, ја потврди скептичноста на домашната јавност во однос на можен пробив и започнување на преговорите меѓу С. Македонија и ЕУ за полноправно членство и без менување на Уставот. Сепак, во документот има потврда преку повеќе клучни моменти дека ЕУ останува посветена на проширувањето

-

Декларацијата од самитот ЕУ-Западен Балкан, издадена и на македонски јазик, ја потврди скептичноста на домашната јавност во однос на можен пробив и започнување на преговорите меѓу С. Македонија и ЕУ за полноправно членство и без менување на Уставот. Сепак, во документот има потврда преку повеќе клучни моменти дека ЕУ останува посветена на проширувањето и на помош при напредокот во секоја земја поединечно, но и на регионот во целина, пишува Вистиномер во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Остануваме на европскиот пат, а следната фаза, започнување на преговорите за секој кластер одделно, ќе започне по исполнувањето на условите од Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, што значи по промената на Уставот според која во него треба да влезат и припадниците на бугарското малцинство во земјата.

Ова би било глава на веста што може да се извади од Декларацијата од самитот ЕУ-Западен Балкан што на 13.12.2023 година е одржан во Брисел, доколку јавноста ја интересира исклучиво следната фаза на европскиот пат на С. Македонија, формално започнување на преговорите за кластерите за исполнување на условите за полноправно членство. Иако земјата не спомената поединечно (не е спомената ниту една од Западен Балкан) овие услови се недвосмислено наведени во Декларацијата на високо место, во точка 6 од вкупно 35 точки:

ЕУ подвлекува дека е потребно партнерите од Западен Балкан да се посветат на инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. Важно останува билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултатиЕУ ги повикува исто така партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинства и нивниот рамноправен третман – се наведува во точката за важноста за добрососедските односи.

Веднаш во наредната точка 7 се нагласува потребата од нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, што е акцентирано како посебен услов за Србија и за Косово:

И понатаму потполно ги поддржуваме напорите на високиот претставник на ЕУ и на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан…Ги повикуваме страните да го исполнат потполно Договорот за патот кон нормализација и неговиот анекс за спроведување, како што и сите минати договори, без понатамошно одложување или предуслови – пишува во точка 7, во која и Белград и Пришитина се повикуваат да вложат напори за деескалација на односите.

„Постојани и неповратни“ реформите поврзани со демократијата

Меѓутоа, пред овие точки во Декларацијата ЕУ-Западен Балкан е акцентирана важноста од реформскиот процес, при што посебно е подвлечено владеењето на правото. Во точка 3 од Декларацијата се наведени очекувањата(барањата) од ЕУ:

ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да им се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното правоЕУ ја поздравува и повторно изразената посветеност од партнерите од Западен Балкан во однос на првенството на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото. Во согласност со Декларацијата од Тирана од декември 2022 година, ЕУ ја нагласува потребата од постојани и неповратни реформски достигнувања во однос на владеењето на правотофункционирањето на демократските институции, економијата и реформата на јавната администрација. ЕУ ја подвлекува потребата од постојани напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал, од засилена поддршка за доброто управување, човековите права, родовата рамноправност и правата на припадниците на малцинства…

Во овој контекст посебно значајна е и следната констатација:

Овластеното граѓанско општество и независните и плуралистички медиуми, со целосно почитување на слободата на изразување, се клучни составни делови од секој демократски систем.

Бидејќи сосема е јасно од извештаите на ЕУ за напредокот на земјите од Западен Балкан, вклучително и овогодинешниот за С. Македонија, дека владеењето на правото и справувањето со корупцијата се главните проблеми во земјата, сосема јасно е очекувањето на ЕУ, во контекст на вкупните и трајни демократски вредности, да ги нагласи како неопходни „постојаните и неповратни реформи“ во однос на владеењето на правото. Освен ова уште еднаш е подвлечена улогата на цивилниот сектор и на плуралистички медиуми со целосно почитување на слободата на изразување – „клучни составни делови“ на секоја стабилна демократија.

Всушност, целата оваа точка укажува на заклучокот дека за ЕУ, ниту една од земјите од Западен Балкан не може да се оквалификува како земја со стабилен демократски систем.

Прес конференција по самитот. Фото: ЕУ/Европски совет/веб

Постепена интеграција и зголемена финансиска помош

Унијата во Декларацијата ја потврди интеграцијата на Западен Балкан како своја цел, нагласувајќи дека тоа ќе оди преку „постепена интеграција“:

ЕУ има за цел да го приближи Западниот Балкан до себе, подготвувајќи го теренот за пристап, и носејќи конкретни придобивки за неговите граѓани уште за време на процесот на проширување. За таа цел, ЕУ има намера да истражи дополнителни мерки наменети за понатамошен напредок во постепената интеграција.

Притоа во документот во целост се поздравуваат и охрабруваат сите активности во рамки на Берлинскиот процес започнат од пред десетина години, кој веќе резултираше со потпишани регионални договори за мобилност (патувања со лични карти и признавање на дипломи за неколку важни професии), иницијативите за унапредување на трговијата, системите за плаќање, зелените коридори ЕУ-Западен Балкан кои започнаа уште во почетната фаза на пандемијата со ковид-19, воведување сини коридори кон пристаништата на Јадранот, а посебно се потенцира ревидирањето на трансевропската мрежа на коридори и проширување со трансферзали кон Источниот Медитеран:

ЕУ ги поздравува договорите на високо ниво за ревидирање на индикативното проширување на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) кон Западен Балкан и предлогот за воспоставување на европски транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран. ЕУ ќе ги поддржи партнерите од Западен Балкан за интегрирање на пазарите за патен транспорт врз основа на усвојување на соодветното право (acquis) на ЕУ

Во Декларацијата се потврдува и Планот за зголемена економска помош за земјите од Западен Балкан во следните неколку години од речиси 30 милијарди евра, од кои 16 се веќе собрани и обезбедени. Станува збор за Европскиот инвестициски план кој неодамна го претстави во секоја земја поединечно и шефицата на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.

Поддршката што се обезбедува преку ЕИП вклучува 9 милијарди евра финансирање преку грантови од ИПА ІІІ и до 20 милијарди евра во инвестиции за периодот 2021 – 2027 година, и е во напредна фаза на спроведување. Од инвестицискиот пакет за регионот од скоро 30 милијарди евра, веќе се мобилизирани 16.6 милијарди евра. Во тој контекст, партнерите од Западен Балкан треба исто така да го зајакнат владењеето на правото и да спроведат одлучно економски и социјални реформи, вклучително и оние што се содржат во нивните програми за економски реформи и во заедничките заклучоци од економскиот и финансиски дијалог.

Русија и рефлексиите врз Западен Балкан

Во контекст на финансиската помош за регионот, ЕУ, нагласувајќи дека Русија носи единствена одговорност за континуираната енергетска и економска криза“ и дека „користењето на енергијата, храната и информациите за воени цели ги засегна партнерите од Западен Балкан“ (точка 23) – се обврзува на натамошно спроведување од помошта од 1 милијарда евра во грантови и можност за генерирање од 2,5 милијади во инвестиции во енергетска инфраструктура за да се намали зависноста:

ЕУ ќе ја продолжи својата поддршка за партнерите од Западен Балкан за справување со негативните ефекти врз нивните економии и општества, и поконкретно преку пакетот на ЕУ за енергетска поддршка во износ од 1 милијарда евра во грантови што можат да донесат 2,5 милијарди евра во инвестиции. 90% (450 милиони евра) од првата половина од пакетот, за да се ублажи поскапувањето на енергијата за МСП(мали и средни бизнис-н.з.) и ранливите домаќинства, веќе се исплатени…. Останатите 500 милиони евра во грантови се обезбедуваат од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), за да се напредне со енергетската транзиција и независност, да се поддржат проекти за енергија од обновливи извори, да се финансираат подобрувања во енергетската инфраструктура и меѓусебните поврзувачи, вклучително и за ЛНГ…

Борба против странски влијанија и дезинформации

Освен што се потврдува и се засилува заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и Западен Балкан, „вклучително и на оперативно ниво“, ЕУ ја нагласува потребата од континуирана борба против странските влијанија и дезинформации што им штетат на земјите до Западен Балкан.

ЕУ ќе продолжи да го поддржува Западниот Балкан во борбата со странската манипулација со информации и мешање, вклучително и дезинформации, како што и други хибридни закани кои имаат за цел да ги загрозат стабилноста и демократските процеси на регионот и неговата перспектива во ЕУ. Во тој поглед, ќе ја зајакнеме уште повеќе нашата соработка за градење отпорност, исто и преку негувањето медиумски професионализам и медиумска писменост, и преку зголемување влијанието на стратегиската комуникација за односите ЕУ – Западен Балкан, и посебно за процесот на проширување. ЕУ ќе ја зацврсти и својата работа со партнерите за спротивставување на лажните руски наративи и дезинформации во однос на агресивната војна на Русија против Украина.

Истовремено ЕУ во Декларацијата се обврзува да ја зајакне колективната кибер безбедност во соработка со Западен Балкан.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...