fbpx

Елези: Загадувањето на реката Пена носи голема опасност од ширење на болести

-

Коритото на реката Пена во Тетово е преполно со отпадоци. Несовесните граѓани, освен отпадоци од домаќинствата фрлале и градежен шут, мебел и најразлични материјали. Сликите што можат да се видат во коритото на реката Пена се доста вознемирувачки, бидејќи поради овие отпадоци може да се појават големи опасности. Порталб.мк разговараше со Зибиџете Елези, магистер по животна средина, која подетално ја објасни оваа проблематика од еколошки аспект, последиците што ги носи ова загадување и начините на кои може да се придонесе за решавањето на овој проблем.

Најразлично ѓубре од домаќинствата, пластични шишиња, штици, градежни материјали и предмети, како и многу други нешта, се само дел од отпадоците што може да се видат на коритото на река Пена, а ситуацијата е уште покритична во долниот дел од течението на реката, односно во населбата Дарданија.

Според екологот Зибиџете Елези, водата на реката Пена во горниот дел спаѓа во прва категорија, што значи дека е чиста за користење. На излез од Тетово, поради загаденоста и фрлање на непознати материи и предмети, водата е во цврста, течна или гасовита состојба, водата ја менува бојата, вкусот, температурата и својата чистота, затоа и квалитетот на водата е од трета или четврта категорија.

Ваквото загадување на реката, со себе носи и последици, односно опасности, оти така се шират разни бактерии и постои можност од ширење на болести.

„Загадените води на реката, меѓу другото, се и многу голем преносител на бактерии, и ако овие води навлезат во системот на водоводот, може да бидат главен причинител на масовни заболувања на луѓето во вид на епидемија, се разбира и во вид на кожни заболувања. Опасностите се бројни, бидејќи токму водата е присутна насекаде во храната што ја јадеме, што ја пиеме, во нашата облека, значи насекаде околу нас, бидејќи ние сме дел од неа“, вели Елези.

Загадувањето на реката е до ниво на депонија, а водите на Пена воопшто не се пречистуваат.

„Самите сме сведоци дека, за жал, нашата река е претворена во подвижна депонија, каде што може да се најдат сите видови и категории отпадоци. Исто така, нашиот град нема ниту станица за филтрирање на отпадните води, а токму пречистителна станица би го штитела водниот и растителниот свет во и покрај реката, со што ќе се придонесе и за подобрување на општиот квалитет на водата. Токму преку отпадните води се пренесуваат големи количини пестициди, детергенти од домаќинствата, а коишто се исфрлаат директно во река, при што се пореметува природниот баланс на реката“, алармира Елези.

Според неа, подигнувањето на свеста на граѓаните е еден од главните фактори за да се влијае во спречување или барем за намалување на загадувањето на реката.

„Треба да се работи почнувајќи од младите поколенија, преку активности со кои би им ја всадиле во срце љубовта кон чистотата и спречување на загадувањето, со ова, на секого би му станало јасно дека реката не е депонија туку извор на живот“, вели Елези.

Според неа, сите можеме да придонесеме за намалување на загаденоста на реката, и тоа преку бројни активности.

„За намалување на загаденоста на реката би можеле да придонесат сите, преку намалување на користењето на амбалажата за една употреба, да го намалиме користењето на пластиката, да се обидеме да рециклираме, барем оние материи што можат да се рециклираат тука кај нас, да користиме хигиенски средства што не се штетни за средината, да не се фрлаат лековите и медицинскиот отпад во река. Да се организираат акции и иницијативи за садење дрвја таму каде што има можност покрај речното корито, бидејќи токму дрвјата придонесуваат за намалување на загаденоста и го регулираат квалитетот на водата на реката“, порачува Елези.

Инаку, минатата седмица, односно на 7 септември, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го одбележа почетокот на уредување на кејот на Пена од мостот кај булевар „Индустриска“ до Млинот во Горна Чаршија. Од друга страна, делот од реката што се наоѓа под мостот кај булевар „Индустриска“, е во руинирана состојба со стеснето корито и многу отпадоци, за што Арифи за Порталб.мк пред неколку дена изјави дека многу наскоро ќе започнат работите и за овој дел.

Потсетуваме дека Општина Тетово два пати додели средства за чистење на речното корито. Во декември, Општина Тетово исплати 32 илјади евра за чистење на речното корито. Иако од Општина Тетово рекоа дека чистењето е завршено, камерата на новинарот на Порталб.мк и жителите го докажаа спротивното. Потоа, Општина Тетово во март повторно склучи договор со вредност од 32 илјади евра со компанијата „Евро Инвест-инг“ за чистењето на речните корита во Тетово и околината.О

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Постигнат цензусот за претседателските избори

Излезноста во вториот круг на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Процентот на излезност до 17 часот, како што...