Владата го прифати предлогот на еколошката организација „Еко-герила“ од Тетово кој се однесува на поставување на филтри на оџаците на малите и средни претпријатија, првенствено на оние кои произведуваат мебел, на подрачјето на Тетово и Гостивар.

– Во Полошкиот регион има 31 вакво претпријатие и сите тие својот отпад, кој се состои од иверици, сунѓери, кожа, пластика го користат како енергенс за греење, загадувајќи ја притоа животната средина, а имаме информации и дека луѓе го купуваат тој отпад за греење на своите домаќинства – вели Аријанит Џафери од „Еко-герила“.

Тој додава дека нивната идеја потекнува од тоа што Владата реши да му помогне на „Југохром“ да постави филтри, па сметале дека би било фер, да им се помогне и на малите бизниси кои исто така загадуваат иако не го сакаат тоа, но немаат ниту финансии ниту знаење како да го решат овој проблем.

– Тетово беше рекордер во загаденоста, со 150 микрограми просечно загадување во 2013, 2014, а откако не работи „Југохром“ во 2018 тоа се намали на 50 микрограми, но ние сакаме уште да се намали“, го објаснува Џафери предлогот.

Тој вели дека нивниот предлог предвидува, филтри за малите индустриски капацитети во иднина да се произведуваат најпрво во Тетовско, во непрофитно, социјално претпријатие, кое производството би било субвенционирано од државата преку некој вид на поволно кредитирање или на друг начин, а потоа и во други градови во Македонија. Според Џафери, доколку се увезуваат од Полска, Турција или други земји овие филтри би биле многу поскапи.

– Нашиот предлог сега е дел од владината програма за чист воздух. Една недела откако го претставивме својот предлог на средбата во Владата со невладините организации, заменик-министерот Јани Макрадули дојде кај нас во Тетово за да ги продискутираме деталите. Се надеваме дека со Фондот за иновации и со Министерството за труд и социјална политика ќе изнајдеме модел како претпријатието да профункционира, да се вработат социјално загрозени лица и веќе наесен да почне производство на филтрите – додаде Џафери.