Еден месец по појавата на дива депонија со градежен шут во Тетово, градските власти уште трагаат по решение

Фото: Мета.мк

Кон крајот на минатиот месец на локацијата кај стариот стадион во Тетово се појави нова дива депонија на инертен отпад, смет и други отпадоци од што се шири непријатна реа и дополнително се загадува воздухот и околината во Тетово.

Справувањето со градежниот шут се врши на начин на кој создавачот на отпадот треба самиот да го транспортира до специјално одредени депонии за негова селекција и преработка, но во случајот, бидејќи градот нема таков простор, за отпадот треба да се погрижи општинската власт.

На прес-конференцијата одржана по повод 100 дена од владеењето, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами изјави дека се работи на нов проект и решенија за справување со градежниот шут и другите видови отпад. Имено, на територијата на Полошкиот регион е потребна фабрика за преработка на инертниот отпад и негово искористување за енергетски цели, за чија изградба, како што рече градоначалникот, се во фаза на преговарање со инвеститори.

Креаторите на ново-настанатата депонија не се познати, а градските власти тврдат дека истата настанала уште во времето на претходната локална власт. Депонијата продолжува да се шири, при што по еден месец не е преземено ништо за нејзино чистење.

Од Општина Тетово велат дека се работи за комплексен проект, па разговорите продолжуваат во следниот период, а во моментов се разгледува тековната состојба и се прават планови, со цел да се изнајде најдобро решение, за менаџирањето со отпадот во Тетово, меѓу кој е и градежниот шут.

„Проблемот со отпадот во Тетово бара сериозно решение и стратегија за да има ефект и токму на тоа целиме како локални власти. Секое избрзано решение, не носи ефект, што се докажа при раководењето на општината од нашите предходници. Трпеливо и со работа, се трудиме овој проблем, кој е меѓу приоритетните, конечно да биде решен.“, истакнуваат од општината.
Покрај оваа, диви депонии со градежен шут има насекаде низ градот, на патот кон рекреативниот простор Бањиче и Попова Шапка, во коритото на реката Пена, покрај контејнерите, а проблемот опстојува со години.