fbpx

Еден месец по „Куманово“: Факти, контрадикции, шпекулации и неми институции…

-

Денеска е точно еден месец од крвавиот судир на полицијата и на терористичката група во кумановското Диво Насеље, во која осум специјалци на Министерството за внатрешни работи (МВР) загинаа, а 37 беа ранети.

Пред четири недели Македонија доживеа колективен шок од кој сè уште закрепнува, што поради сериозноста на заканата, што поради фактот дека сè уште има многу неодговорени прашања, контрадикции и шпекулации.

Јавноста сè уште е обременета од мистеријата и чека од надлежните институции да одговори на прашањето што точно се случи во Куманово и кој е одговорен за загубените животи.

МВР за „Мета“ изјави дека истрагата за Куманово уште трае, а сведоци сме дека безмалку секој ден во јавноста се појавуваат видеоснимки, аудиозаписи и текстови кои алудираат дека е можно во акцијата да биле замешани и лица од безбедносните структури.

Министерството за внатрешни работи, по завршувањето на борбите, на 10 мај излезе со изјави и со соопштенија дека е ликвидирана „една од најопасните терористички групи на Балканот“, која планирала напади на државни институици и во наредните неколку дена објавуваше видеоснимки од акцијата, по што следеше молк.

Обвинителството, исто така, веднаш по акцијата соопшти дека почнало истрага, но за противречностите што се јавија во меѓувреме околу одредени битни детали, информираше по иницијатива и на прашања поставени од медиумите.

Официјално познато и соопштено

(од надлежните институции во врска со акцијата во Куманово, но и нападот на караулата Гошинце, како своевидна увертира на случувањата во Диво Насеље)

  • Загинати осум припадници на специјалните полициски единици и 37 повредени;
  • Криминално-терористичката група броела четириесетина членови;
  • Во борбите со полицијата убиени се 10 членови на групата (оваа бројка, која ја соопшти Обвинителството е контрадикторна со таа со која излезе МВР, според кое во Диво Насеље биле пронајдени безживотните тела на 14 терористи);
  • По борбите на полицијата ѝ се предадоа 28 терористи;
  • Како водачи на групата се идентификувани Мухамед Красниќи, таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај, таканаречен командант Нато, Сами Укшини, таканаречен командант Соколи, Бег Ризај, алијас командант Бегу, и Деме Шеху, алијас Јунику;
  • Групата повеќе месеци била следена од безбедносните служби;
  • Истата група е одговорна за нападот на караулата Гошинце на 21 април;
  • Групата планирала напади на државни и на цивилни цели;
  • Во околината на селото Брест, во бункер на отворен простор е пронајдено украденото оружје од караулата Гошинце (местото го посочил еден од уапсените во акцијата во Куманово, кој, според информации на медиумите, што надлежните ниту ги потврдија ниту ги демантираа, успеал да ѝ побегне на полицијата;
  • Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју во емисијата „Патот кон…“ на „Алсат-М“, рече дека учествувал во преговорите за предавање на групата;
  • Еден од уапсените со терористичката група е вработен во Министерството за внатрешни работи (надлежните ја потврдија оваа информација по прашања иницирани од медиумите);
  • Агенцијата за разузнавање информира дека за случаите во Гошинце и во Куманово, „во однос на намерите на водачите на терористичката структура, нивни капацитети, логистички бази, курс на акција на непријателот од страна на Агенцијата направено е рано предупредување во рамки на своите надлежности, во согласност со Законот за Агенција за разузнавање.

Шпекулации

(во врска со заднината на кумановските случувања, кои дел се покажаа како точни, но дел сè уште предзивикуваат контроверзи во јавноста, но и реакции кај дел од безбедносните служби.)

  • Припадници на македонските тајни служби контактирале со членови на групата месеци пред настаните од 9 и од 10 мај;
  • Косовската разузнавачка агенција ги информирала претседателката Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа за можноста за инцидент во Куманово;
  • Се споменуваат имиња на македонски политичари, агенти и функционери кои биле вклучени во инцидентот во Куманово;
  • Косовската полиција преку преслушувани разговори открила дека кумановската група планирала напад на косовскиот затвор во Подуево и ослободување на двајца озлогласени криминалци;
  • Борбите во Куманово биле договорено сценарио зад кое стоело предавство на членови на групата;
  • Плановите за Куманово биле правени во автомобил „бе-ем-ве“ во Урошевац;
  • Ноќта пред акцијата биле евакуирани 70 отсто од населението во кумановското Диво Насеље;
  • Ситуацијата излегла од контрола кога членови на групата почнале да пукаат на полицијата;
  • Стојанче Ангелов неколку недели пред нападот на караулата Гошинце, на еден од протестите пред МРТВ, рече дека, според негови информации, криминална група добила 2 милиони евра од македонските власти да предзвика вооружени инциденти во Липковскиот регион.

Најголем дел од овие информации ги објавија косовските медиуми, пред сè, весникот „Коха диторе“, а беа пренесени од македонските гласила.

Во врска со дел од овие информации, пред три дена Агенцијата за разузнавање излезе со соопштение во кое реагира на откривањето на идентитет на нивни службеник во медиумите и најави дека иницирало постапка во Обвинителството за утврдување на одговорност. Сепак, Агенцијата во соопштението не демантира дека нивни службеник имал контакти со осомничните терористи пред настаните од 9 и од 10 мај.

Нејасно и неодговорено

  • Кои биле вистинските мотиви и цели на кумановската група?
  • Дали станува збор за чисто криминална или за терористичка организација?
  • Доколку се терористи, зошто не излегоа со коминике и со некакви политички барања?
  • Ако безбедносните служби подолго време ја следеле групата и навреме известиле за неа, како што тврди Агенцијата за разузнавање, зошто не бил превениран судирот во Куманово и претходно нападот на караулата Гошинце?
  • Кое е кодното име на полициската акција во Куманово?
  • Дали во настаните биле вмешани странски служби?

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...