„Ако сакате општа забрана за цијаниди и сулфурна киселина во сите процеси на детални геолошки истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини, веднаш ја поднесуваме старата верзија на законот, онаа што ја оспоривте како асоцијација, извршивте притисок врз институциите и го заглавивте законот цела година“, и порачуваат на Асоцијацијата за рударство двете пратенички на ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска.

Повод за денешната реакција на ДОМ беше најавата на Асоцијацијата за рударство дека ќе бара преиспитување на уставноста на последните измени на законот за минерални суровини, оценувајќи ги како нелогични и неприменливи.

„Токму рудниците со отворен коп се најопасните што се користат за сиромашни површински руди во земји со ниски еколошки стандарди, или со огромни пусти површини, далеку од населени места“, се вели во соопштението потпишано од Морачанин и Поповска, во кое истакнуваат „Во Македонија таквите отровни инвестиции се непожелни“.

Пратеничките од ДОМ воедно им одговорија и на екологистите од Струмица, кои имаа дилеми околу истиот закон.

„Иловица е рудник во најава, на хартија, против чие отворање се бориме сите екологисти во Македонија и тука нема отстапување! Да биде јасно, законот важи и за Иловица.“