Документ до кој дојде порталот „Либертас“ открива дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 8 октомври 2014 година испратил допис со кој препорачува пациентите што боледуваат од сколиоза, кифоза или кифосколиоза да не бидат упатувани на лекување во странство бидејќи „се работи за заболувања при кои не постои итност за оперативно лекување“.

„Во крајна фаза на подготовка пред почнување со работа, а во рамките на јавните здравствени установи, се наоѓа Спиналниот центар со чиј делокруг на работење ќе бидат опфатени оперативните интервенции кај осигурениците што имаат потреба од нив“, стои во дописот.

Дописот е испратен до директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, како и до раководителите на Клиниката за трауматологија, Клиниката за ортопедски болести, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на Ургентниот центар.

Ова известување било упатено и до првостепената и до второстепената лекарска комисија кои одлучувале за случаите.

Еден од најекспонираните случаи од тој период беше малата Тамара Димовска, која чекаше лекување во странство. Таа, сепак, не ја дочека одлуката и почина на 9 февруари 2015 година.

Новинарката на „Телма“, Билјана Николовска, која го откри случајот со малата Тамара и која неодамна за прилогот ја доби наградата за истражувачка сторија, во телефонски разговор потврди дека овој документ постои, но дека не успеала да добие потврда од Фондот за здравство дали е валиден.

„Во врска со Вашите прашања што се однесуваат за случај кој е во отворена постапка од Основното јавно обвинителство, Фондот не смее да ги коментира. Благодариме на разбирањето“, се вели во одговорот од Фондот.