Заразената болничарка од хеморагична треска е стабилна, но болеста е непредвидлива

Направени се анкети и земени се контакти од лица кои биле во контакт со пациентката која е позитивна на хеморагичната треска и издадени се решенија за лекарски надзор за десет луѓе кои се членови на нејзиното блиско семејство, и една вработена на Клиниката за инфективни болести

Откако минатиот викенд 27 годишна штипјанка почина од конго-кримска хеморагична треска (ККХТ), беа издадени решенија за изолација за 29 контакти. Вработена на Клиниката за инфективни болести, која се зарази од сега веќе починатата штипјанка,  е позитивна на оваа болест, а во меѓувреме издадени се и решенија за излоација за уште 11 лица со кои болничарката била во контакт.

Д-р Добринка Наунова Јовановска од Инфективната клиника денеска во изјава за медиумите кажа дека вработените на клиниката постојано користат заштитна облека и ракавици, но заразата можно е да се случила при соблекување.

„Можно е да се случило заболената болничарка при симнување на ракавиците, облеката, нешто да прснало во слузницата, во очите и на тој начин да се заразила. Затоа треба многу да се внимава. Таа сега е во стабилна состојба, параметрите се следат контиуирано, ова е веќе петти ден како е болна. Кај оваа болест многу е важна супортивната терапија, да се надоместува она што се губи“, рече Наунова Јовановска.

Таа кажа дека болеста има своја еволуција, па така во првите денови состојбата е стабилна, но подоцна се влошува.

„Затоа се следат сите параметри. Засега кај неа нема крварења, но се следи. Сите кои биле во контакт со претходната пациентка се под надзор, се следат. 29 лица се од контактите со првата пациентка и на нив за ден-два им истекува надзорот. Со новата пациентка 11 лица се под надзор и тие се следат. Пренесувањето на инфекцијата не настанува од обичен разговор, туку се пренесува преку секрети, преку крв“, потенцира докторката.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска денеска информираше дека се направени анкети и земени се контакти од лица кои биле во контакт со пациентката која е позитивна на хеморагичната треска и издадени се решенија за лекарски надзор за десет луѓе кои се членови на нејзиното блиско семејство, а една е вработена на Клиниката за инфективни болести.

„Тие 11 лица ќе бидат 14 дена под здравствен надзор. Тоа подразбира дека тие ќе треба да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје. Тоа не е класична изолација, меѓутоа не треба да имаат контакти со членови на потесното семејство и треба да издржат 14 дена за да не се прошири оваа зараза“ истакна Младеновска.

Според директорката на ДСЗИ досега се издадени вкупно 40 решенија за здравствен надзор.

Институтот за јавно здравје неодамна информираше дека конго-кримската хеморагична треска е болест која се пренесува преку крлежи, а е предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на конго-кримската хеморагична треска може да предизвика сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска.

Ова заболување има висока смртност која достигнува и до 40 отсто, а ввирусот се пренесува на човек преку крлежи на домашни животни.

Ветеринаринарите исто така советуваат на претпазливост и препорачуваат сопствениците на миленици да користат средства против крлежи и инсекти.

„Главна заштита на милениците се средства кои содржат репеленти како што се ампули, таблети или каифчиња“, за Мета.мк изјави докторката по ветеринарна медицина Данче Грујевска.

Таа истакна дека методите со користење на оцет или масла од лаванда за заштита од паразити како што се крлежи и болви не се доволно ефективни за да спречат каснувања и не треба да се користат како основно средство за заштита на животните.

„Земајќи ги предвид климатските промени миленицте треба да ги заштитиме уште на почетокот на пролетта. Иако веќе немаме јаќи зими и сме под трпски климатски влијанија со употреба на репеленти за заштита треба да се почне од февруари – март па се до ноември во континуитет“, рече Грујевска и додаде дека миленицте треба да се проверуваат после секоја прошетка за да се спречи паразитите да премнат на луѓето.

„Без разлика дали се користи заштита, сепак може да се случи милениците да ‘закачат“ некој паразит. Дури и да е само еден крлеж, тој треба да се отстрани во соодветни услови. Болестите како конго-кримска хеморагична треска не може да се пренесат директно од животно на човек. Крлежот е опасен само ако е претходно заразен. Тој е преносител и со самото каснување ја пренесува болеста. Затоа треба да се внимава крлешите да не преминат на луѓето“, рече Грујевска и истакна дека за превенција од вакви болести, а и од други како лишманија кои ги пренесуваат комарците и песочната мува потребни се редовни посети на ветеринар.

Првата опишана епидемија со ендемското заболување  конго-кримска хеморагичнана треска во Македонија е во 1971 година при што заболеле 13 лица со два смртни исходи во едно семејство во тетовското село Чифлик. По оваа епидемија, лабораториски бил потврден еден случај во 2010 година.

По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот на инкубација обично е еден до 14 дена. конго-кримска хеморагична треска е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните.

Со конго-кримска треска заразена болничарка која била во контакт со починатата штипјанка