Последната одлука за која денеска дозна јавноста со која биле разрешени 33 директори на клиники, болници и на здравствени домови е удар врз целокупниот здравствен систем во државата, изјави денеска Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Директорите се разрешени без основа и целосно спротивно на законот, што говори дека тоа не е направено врз основа на некој вредносен систем или какви било критериуми, туку само врз основа на реваншизам и на слепа омраза од власта. Оваа одлука ќе предизвика дисторзија на целиот здравствен систем и ќе доведе до намалување на капацитетите на овие здравствени установи, а со тоа и директна штета на граѓаните. Несомнено Министерството за здравство се претвора во министерство за скандали, негрижа и за неодговорност. Откако го разрешија директорот на Клиниката за кардиологија, докажаниот и реномиран експерт од таа област, Сашко Кедев, откако им се случи епидемија од најслаб облик хеморагична треска со две човечки жртви, за само 50 дена гледаме уште еден огромен скандал од ова министерство – вели Андоновска.

Според неа, разрешувањето на директорите е непрофесионален и неодговорен пристап во здравството, кој го урива целиот концепт на здравствена заштита и на грижа за здравјето и за животите на граѓаните.