Одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија ја донесовме по внимателно размислување и анализа. Одлуката се заснова на два елемента, едниот е меѓународен, односно настанот што се случи – труење со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со својата австриска колешка Карин Кнајсл.
Според него, има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Како што кажа Димитров, станува збор за лице што излегло од својот дипломатски мандат.
– Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа – рече Димитров.
Оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.
Австриската министерка Кнајсл од своја страна истакна дека Австрија се изјаснила за солидарност со Велика Британија, а кога станува збор за протерување на дипломати тоа е билатерално прашање за проценка.
– Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија има политика на неутралност, политика што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија – додаде Кнајсл на прашањето дека Австрија нема протерано руски дипломат.
Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал. Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.