Дигитални алатки во наставата се користат, ама без стручни лица и обуки за поддршка на наставниците

Photo by Annie Spratt on Unsplash

Педесет и пет отсто, или 137 од вкупно 250 анкетирани наставници, истакнале дека во нивното училиште не постои стручно лице кое им нуди поддршка во процесот на воведување на дигитални алатки во образованието. Ова се дел од податоците на истражувањето спроведено од специјалистот за односи со јавност, Бојан Кордалов, а во рамките на Проектот за дигитализација на образованието кој делумно е финансиски поддржан од страна на Македонско-Американската Алумни Асоцијација (МААА).

Во истражувањето, исто така е истакнато дека 130 од вкупно 250 наставници посочиле дека „не се согласуваат“ или „воопшто не се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување на дигитални вештини. Нешто помал број, или вкупно 120 анкетирани наставници, посочиле дека „се согласуваат“ или „потполно се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување на лични дигитални вештини кои се потребни за наставата.

– Како ќе изгледаат општествата во блиска иднина во голема мера зависи и од тоа во каков образовен систем ќе учи денешната младина. Или со уште поедноставни зборови, колку побрзо го дигитализираме образованието, толку побрзо учениците и студентите ќе можат непречено да го продолжат воспитно-образовниот процес со ист или подобар квалитет од порано – посочува специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.

Меѓу другото, висок процент, или 95 oтсто од анкетираните наставници, се изјасниле дека користат дигитални алатки за време на наставата. Исто така, 75 отсто од наставниците вклучени во ова истражување сметаат дека со воведувањето дигитални технологии во наставата ќе се олесни совладувањето на наставниот материјал од страна на учениците.

Истовремено, на прашањето „Дали за време на часовите, на учениците им дозволувате да користат мобилен телефон или други лични дигитални уреди“, најголем дел од наставниците, односно 71 отсто, одговориле дека не дозволуваат користење на лични дигитални уреди за време на наставата.

Бојан Кордалов додава дека доколку сакаме вистинска дигитална трансформација на образованието, неопходно е надлежните државни институции, како и локалните самоуправи, да ги вложат сите свои напори и да бидат вистинска поддршка на училиштата и факултетите во претстојниот период.

Истражувањето е реализирано во периодот од 6 до 30 мај 2020 година помеѓу наставниот кадар во основните училишта на територија на општините Валандово и Карпош.