Дел од државните универзитети многу заостануваат во процесот на дигитализација, што резултира со тоа студентите да губат време и нерви за пријавување на семестар на студентски прашања на факултетите, плаќање во банки за било каква услуга од факултетите и чекање со часови за да се подигне документ од студентски прашања. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, според она што го покажа нашата анализа, треба најмногу да поработат на дигитализацијата во наредниот период.
Форумот за промени во образованието, како дел од иницијативата DigiU, заедно со партнерските организации од Асоцијацијата на младинско зајакнување и Институтот за демократизација и евроатлантски перспективи, периодов направија „Анализа на состојбата со дигитализација на државните универзитети во РСМ“. Во овој важен документ се даваат важни препораки за подобрување на е-услугите на државните универзитети, и тоа: нулта папирологија преку воведување на систем за дигитален упис, заверка на семестар и пријави.
Анализата препорачува и воведување на електронски индекс и уништување на хартиениот индекс на сите универзитети, но и ажурирање на дигиталните алатки и платформи (iKnow, i-Learn и е-библиотека) за на студентите да им се овозможат најдобри можни услуги. Меѓу останатите препораки, се препорачува трансформација на студентските служби на факултетите во служби за поддршка на студентите, воведување квалитетен и брз интернет за студентите на факултетите, комбинирана настава и електронска библиотека за пристап до литература.
Бленди Ходаи од Форумот за промени во образованието објаснува дека најпозитивен пример со дигитализацијата во земјава е штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кој целосно ги има дигитализирано услугите и наставниот процес. Ова значи дека студентите воопшто не користат хартиени индекси, бидејќи потписите и оценките студентите ги добиваат на платформата iKnow.
„Втората работа што ја дигитализираа и што треба да ја земат за пример другите универзитети е тоа што Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има онлајн библиотека преку која студентите имаат пристап до светската литература, што другите универзитети за жал ја немаат“, вели Бленди Ходаи.
Тој додава дека спротивни случаи се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Мајка Тереза“ и Државниот универзитет во Тетово, кои заостануваат со дигитализацијата.
За УКИМ, Ходаи додава дека иако е најстар и најдобро рангиран универзитет, на факултетите во негови рамки и понатаму се користат хартиени индекси, а студентите чекаат по три часа за да пријават семестар. Доколку треба да добијат одреден документ, студентите се принудени да плаќаат по шалтерите на банките, а потоа да одат на шалтерите на универзитетот – и повторно да чекаат за да го добијат тој документ. Студентите на УКИМ немаат пристап до онлајн библиотека, за разлика од Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Ова е една многу хаотична ситуација при која се менаџираат два паралелни системи, односно имаат и IKnow систем и оценките се пишуваат на IKnow, но ги принудуваат учениците истите услуги да ги извршуваат и физички, со оправдание дека треба да ги чуваат податоците“, додава Бленди Ходаи.
Сепак, тој нагласува дека во рамките на УКИМ, состојбата на факултетите не секаде е иста, па така се издвојуваат Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Електротехничкиот факултет, кои ги дигитализирале сите свои услуги и сите услуги ги вршат онлајн, без да има потреба да се принудат студентите физички да присуствуваат на факултет.
Од Форумот за промени во образованието го посочуваат и примерот на скопскиот универзитет „Мајка Тереза“, кои иако е основан во 2016 година, за само неколку години постоење успеал да заостане во процесот на дигитализацијата.
Државниот универзитет во Тетово пак е универзитетот кој издвојува најмалку буџетски и финансиски средства за дигитализација во земјава, така што само три проценти од годишниот буџет на Универзитетот во Тетово оди за дигитализација на Универзитетот во Тетово.
„Универзитетот е во хаотична состојба бидејќи само еден многу мал број на услуги се дигитализирани“, вели Ходаи.
Универзитетите со реакција: Дел молчат, некои се фалат, други се правдаат
Редакциите на Мета.мк и Порталб.мк испратија прашања во однос на дигитализацијата на државните универзитети, и тоа до: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Гоце Делчев“, Универзитетот „Мајка Тереза“, Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Од УКИМ појаснуваат дека постои електронскиот информационен систем за студентски сервиси iKnow, а моментално се прават напори да се овозможи целосна употреба на системот и за третиот циклус на студии.
„Системот, покрај другото, го следи напредокот на студентот од неговото запишување па сѐ до завршетокот на студиите во смисла на запишани семестри, предмети (кредити), полагани испити во поедини испитни сесии и постигнати академски резултати (оценки). Во таа смисла системот има целосна функционалност на електронски индекс. Универзитетот исто така издава и индекс во материјална форма при запишување на студиите, согласно Правилникот за содржината и формата на дипломата, упатството за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи“, појаснуваат од Ректоратот на УКИМ.
Исто така, студентите на УКИМ правото за бесплатна здравствена заштита го остваруваат без да мораат да поднесат потврда за редовен студент во Фондот за здравствено осигурување, бидејќи iKnow-системот два пати во годината, по запишувањето на летниот или зимскиот семестар разменува електронски податоци со Фондот.
Од друга страна, ниту една од јавните исправи – уверенија, дипломи, пријави за испити) на УКИМ не се издаваат во дигитален формат, иако од УКИМ велат дека се свесни оти административните и техничките аспекти во моментов на студентите им одземаат најголемо време.
„Донесена е Одлука за утврдување на концепт за унапредување на дигитализацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со која се утврдуваат основни механизми за унапредување на дигитализацијата на Универзитетот, кои ги содржат интегрираните дигитални системи, утврдени во Стратегијата на Универзитетот, Акциониот план за реализација и Програмата за работа и развој на Универзитетот, дополнети со системи што произлегуваат од барањата за подобрување на наставната, научноистражувачката, уметничката, стручната работа, со цел зголемување на видливоста на Универзитетот, како и олеснување на административно-техничката работа, која се одразува врз образовниот процес на студентите“, се наведува во одговорот од УКИМ.
Од битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ објаснуваат дека речиси сите документи кои се користат кај нив се изворно генерирани во дигитална форма од системот iKnow или се достапни за преглед онлајн, а потоа во зависност од законските и статутните регулативи се печатат во хартиена форма, а таков бил примерот и со индексот.
Од ректоратот на битолскиот универзитет објаснуваат дека подолго време комплетно функционира електронско запишување на семестри и електронско пријавување на испити, вклучително и плаќањето на финансиските обврски онлајн.
„Меѓутоа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола организациски не е целосно интегриран, членките (факултетите) имаат одредена слобода во организација на работните процеси и поради тоа моментално имаме факултети кај кои тие елементи се одвиваат исклучиво електронски, факултети кај кои примарно се врши електронски упис и пријавување, а потоа се носат документи на студентски прашања во одреден продолжен рок со кој се избегнуваат гужви на шалтерите, но и факултети кај кои сè уште се врши класично запишување на семестри и пријавување на испити со хартија во одреден рок и притоа се ажурираат податоците за студентите на студентски прашања“, ни одговорија од овој универзитет.
Тие објаснуваат дека самото електронско онлајн досие на студентите му овозможува на универзитетот да издава и уверенија, потврди и дипломи во електронски формат, но моментално тоа воопшто не би им користело на студентите зашто таквите документи не би биле признати никаде освен во рамките на универзитетот.
Во однос на наставата, на битолскиот универзитет дел од предавањата на првиот, но посебно на вториот и третиот циклус се одвива онлајн или како комбинирана настава, а во тек е и правното регулирање на целокупната постапка.
„УКЛО веќе во голем дел е дигитализиран, а спремни сме за помалку од година дена да преминеме на комплетно дигитално работење во делот на административните процеси, доколку обезбедиме средства за тоа од МОН или други надлежни органи, и донатори. Потребна е поддршка од буџетот на РСМ не само за набавка или изработка на софтверски и хардверски ресурси, туку и за одржување и постојана надградба на истите“, објаснуваат од битолскиот универзитет.
Од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ пак велат дека нивните студенти имаат е-индекс каде можат да ги видат сите информации за нивното студирање. Потврда за запишан студент издаваат во електронска форма, а пријавите со оценки се изготвуваат во електронскиот систем без никакви проблеми. Единствено дипломите на студентите се издаваат во хартиена форма, како и оние документи за кои институциите од студентите бараат оригинал во хартиена форма.
„За да може целосно да се дигитализира архивското работење, потребно е усогласување на Законот за архивски материјал и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и усогласување на работењето со останатите државни органи и институции во поглед на прифаќањето на издадени дигитални документи“, одговараат од Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Од штипскиот универзитет додаваат дека дополнителните напори за дигитализацијата на нивното работење е поврзано со стратешки инвестиции кои зависат од буџетот, одржувањето на системот, како и од законските процедури кои не се во нивна надлежност.
Од Универзитетот „Мајка Тереза“ велат дека во нивната високообразовна установа се дигитализирани пријавите за земање оценки и потврдата за запишан студент, но немаат индекс во електронски формат, ниту пак издаваат дипломи по електронски пат.
„За дигитална трансформација на работењето, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во најбрз можен рок планира јавна набавка и склучување Договор за јавна набавка за Софтвер за студентски портал, со кој ќе се решат наведените проблеми“, одговараат од овој универзитет во однос на прашањето за тоа какви промени планираат да преземат во наредниот период во насока на дигитална трансформација на работењето.
Тие додаваат дека електронските индекси и сите документи за студентите, како и административните процедури за запишување и заверки би се спроведувале преку идниот софтвер за студентски портал, додека поради безбедносни причини дипломите се издаваат во хартиена форма.
Мета.мк и Порталб.мк побараа одговори на поставените прашања, кои беа идентични за сите државни универзитети, и од Универзитетот во Тетово, но и покрај неколкуте обиди за да добиеме податоци за степенот на дигитализација на услугите кај овој универзитет, не добивме одговори на поставените прашања.