fbpx

Дезинформации поврзани со неодамнешните пожари во земјата и светот

-

Иако пожарите се трагични настани, сепак, креаторите на лажни вести не ја пропуштија можноста и од вакви несреќи да извлечат корист, пишува „КриТинк.мк“ во анализата „Топ-7 дезинформации за неодамнешните пожари во земјава и светот“.

Ова лето се случија два огромни пожара во светот, гореше Сибир и гореше шумата во Амазон, а во Македонија гореше во Велес и Катланово. Паралелно со ова, медиумите и социјалните мрежи гореа од дезинформации, стари фотографии и лажни вести.

1.Кревање паника со лажни фотографии дека гори езерото Младост

Порталот „Пулс24“ во периодот кога имаше пожар во околината на Велес, на својата фејсбук-страница објави фотографија од пожар и напиша „моментално езерото Младост“. Сите што ја видоа фотографијата беа дезинформирани затоа што таа нема никаква врска со езерото Младост, ниту со пожарот во Велес ниту со Македонија. Станува збор за фотографија од пожар во Калифорнија снимена во август минатата година.

2. Горат рестораните на велешко езеро

За време на големиот пожар што го зафати велешкиот регион, порталот „Лидер“ објави дека се зафатени рестораните на велешкото езеро. Но, фактичката состојба е дека со пожарот беше зафатен голем дел од боровата шума, празна свињарска фарма и една викендичка, но не и рестораните на езерото.

3. Пожарот во Велес се гаснел со задоцнување од пет часа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, на прес-конференција обвини дека пет часа доцнела интервенцијата за гаснењето на пожарите во Велес и го искористи тоа тврдење за да побара оставки од министри и директори. Притоа, Ѓорчев не кажа како добил таква информација, ниту понуди каков било доказ за да ја поткрепи веродостојноста на тврдењето. Ова го демантира претседателот на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ, кој на „Фејсбук“ напиша дека тврдењата се лажни и злонамерни.

4. Војник спасува јагуар од пожарите во Амазон

Една од најтрогателните фотографии што се поврзуваа со пожарот што го зафати Амазон е фотографијата на која е прикажан бразилски војник во вода како во прегратки држи јагуар. Објаснувањето за фотографијата беше дека војникот го спасува јагуарот од пожарот, по што фотографијата масовно се споделуваше на социјалните мрежи и собра многу допаѓања, споделувања и позитивни коментари. Но, таа е стара повеќе од три години. Направена е во мај 2016 година како дел од проектот за спасување јагуари во Амазон. Овој млад јагуар бил посвоен од армијата, откако ловџии му ја убиле мајката.

5. Гори Амазон, прашумата што произведува 20 отсто од кислородот на планетата

За време на пожарите во Амазон, медиумите, како и познати личности, пишуваа дека горат белите дробови на планетата Земја, бидејќи прашумата во Бразил произведува 20 отсто од кислородот на планетата. Но, научниците велат дека ова е неточно. Всушност, областа го апсорбира истото количество на кислородот  што го произведува. Помеѓу многубројните што ја споделија оваа неточна информација е и францускиот претседател Емануел Макрон, кој на 22 август на „Твитер“ напиша:
Нашата куќа гори. Буквално. Гори амазонската прашума – белите дробови што произведуваат 20 отсто од кислородот на планетата. Ова е меѓународна криза“.

6. Лажни фотографии од пожарот од Амазон

Освен неточната информација во твитот на Макрон и фотографијата не е релевантна. Фотографијата навидум е од пожарот во Амазон, но всушност станува збор за фотографија стара 16 години. Голем број славни личности, без да проверат, споделуваа фотографии што не беа никако поврзани со самиот настан. Истата фотографија ја споделија и други славни личности вклучувајќи го и актерот Леонардо ди Каприо. Познатиот фудбалер Кристијано Роналдо сподели фотографија што воопшто не е од Амазон, а Мадона објави фотографија снимена во 1989 година.

7. Лажни фотографии од пожарот во Сибир

Пожарите што го зафатија Сибир, исто така, предизвикаа многу реакции на социјалните мрежи. Во тој куп реакции и потресни информации, масовно се ширеше фотографија на изгорено зајче за кое се тврдеше дека е резултат на пожарот во Сибир. Но едноставното пребарување на „Гугл“ покажува дека оваа фотографија не е направена во Сибир, туку во Калифорнија во ноември минатата година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...