fbpx

Со ребалансот се намалуваат средствата предвидени за НАТО интеграција

-

Министерството за финансии го објави предлог-ребалансот на буџетот кој го усвои Владата на последната седница во кој можат да се забележат повеќе детали за прераспределбата на парите од државната каса кои не беа соопштени од надлежните при претставувањето на буџетските промени.

„Мета“ го анализираше ребалансираниот буџет и во три продолженија ќе ги презентира наодите од анализата.

Во документот може да се забележат промени на расходната страна од буџетот кај потпрограмата „Интеграција во НАТО“ каде износот на средствата се намалени за околу 9 отсто. Кај Министерството за одбрана во рамките на оваа потпрограма со првичниот буџет биле планирани 1.443.677.000 денари или околу 23,4 милиони евра, а со ребалансот овие средства се намалени на 1.310.677.000 денари односно на околу 21,3 милиони евра. Намалување има кај парите предвидени за стоки и услуги, додека капиталните расходи се на исто ниво како и во првичниот буџет.

„Основната цел на оваа потпрограма е оддржување и подобрување на постоечкото ниво на борбената способност на АРСМ и се однесува на опремување и модернизација на АРСМ со цел компатабилност со силите на НАТО и активно партипицирање во колективните системи за безбедност. Со реализација на планираните активности се очекува зголемување на борбената способност и постигнување на интероперабилност со НАТО алијансата, како и рамноправно учество со коалиционите сили во операции предводени од ОН, ЕУ и НАТО. Во рамките на оваа програма се реализираат активности поврзани со Проектот „Центар за обука на пилоти“, зајакнување на капацитетите на воздухопловството во АРСМ, опремување и модернизација на Армијата која ќе овозможи компатабилност со силите на НАТО“, пишува во предлог-ребалансот на буџетот.

Кратење на средства од потпрограмата „Интеграција во НАТО“ има и кај Министерството за надворешни работи и тоа од 35.189.000 денари (572.000 евра) на 28.289.000 денари (459.000 евра) што е намалување за околу 20 отсто. Намалување има кај ставките стоки и услуги и капитални расходи.

Од друга страна, во потпрограмата „Изградба и реконструкција на објекти од инфраструктура“ кај Министерството за одбрана има зголемување на парите од 88.000.000 денари (1,4 милиони евра) на 232.000.000 денари (3,7 милиони евра).

„Основната цел на оваа потпрограма е подобрување на условите за функционирање и извршување на работните задачи на МО и АРСМ како и просторно сместување на мисијата на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел во новото седиште на НАТО во Брисел. Активностите ќе бидат насочени кон реконструкција и адаптација на дотраените објекти и инсталации на АРСМ. Со реализација на планираните активности се очекува подобрување на условите за функционирање и извршување на работните задачи на МО и АРСМ“, пишува во предлог-ребалансот на буџетот.

Истовремено, кај владината Служба за општи и заеднички работи во потпрограмата „Изградба и реконструкција на административни згради на државни органи“ има речиси двојно зголемување на сумата, односно од 217.500.000 денари (3,5 милиони евра) на 387.500.000 денари (6,3 милиони евра).

„Во рамките на оваа потпрограма се предвидени активности поврзани со изградба и реконструкција на административни згради на државни органи, како и ентериерно уредување на Градска куќа“, се објаснува во предлог-ребалансот на буџетот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се активни осум пожари, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарот над село Селце, кој...