fbpx

Денеска нов обид за договор во Пржино

-

Денеска во 11 часот, во просториите на резиденцијата на Европската Унија во Пржино, ќе се одржи нова средба на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, во обид да го решат последното отворено прашање, а тоа се ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада до предвремените парламентарни избори.

Според последните информации, СДСМ бара министерот за внатрешни работи да ги има сите ингеренции што му приѓаат на првиот човек на полицијата, меѓу кои се и кадровски промени, промени во раководните структури и слично, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на ингеренции со поделени надлежности со заменскиот министер.

Лидерска средба, тврдат преговарачите, во оваа фаза не е планирана.

Четирите партии засега се согласни да нема трет избирачки список, туку 40.000 спорни гласачи да се проверуваат прво теренски, а потоа самите да се пријават во Државната изборна комисија. Ако не се пријават до одреден временски период, тие ќе бидат избришани.

На два списока ќе бидат поделени другите гласачи – македонските државјани што живеат во Македонија и државјаните на Македонија кои се на привремена работа во странство или се иселеници.

Предлогот за ад хок комисија за оценување на работата на медиумите повторно е на маса и, според партиските брифинзи, засега има одреден договор. Се шпекулира дека секоја партија во ова тело би предлагала по еден член, а петтиот би се избирал од редовите на експертите со консензус на партиските врвови.

Претходно, Здружението на новинари на Македонија одби да учествува во тело во кое тие би добиле два члена, Македонската асоцијација на новинари уште два члена и еден независен експерт како заеднички предлог на двете новинарски организации.

Исто така, се дознава дека речиси е договорено главниот и одговорен уредник на МТВ да биде предлог на опозицијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.