ДЕБАТА: Одговорноста за врсничкото насилство треба да се решава системски

Денешната интерактивна дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН и женската платформа „Better womеn, better world“, на тема „Стоп на насилството“ беше организирана по последните случувања во соседна Србија

Фото: Anemone123 на Pixabay

Врсничкото насилство не е табу тема, туку реалност која е присутна секојдневно во нашето општество. Факт е дека насилството најмногу е присутно во образовниот процес. Пред овој проблем не треба да се замижува, ниту пак да се префрла одговорноста кај други, да се бараат причините или да се дискутира за начинот на справување со оваа појава. Врсничкото насилство треба да се решава системски, а засегнатите страни да настапуваат координирано, но најважна е улогата на семејството.

Ова е заклучокот од денешната интерактивна дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН и женската платформа „Better womеn, better world“, на тема „Стоп на насилството“ на која учествуваа сите засегнати страни во државата, вклучително и претставници од власта, со цел да се подигне свеста и да се спречат несакани последици од големи размери како резултат на врсничкото насилство, по последните случувања во соседна Србија.

Заменик директорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Александра Србиновска – Дончевски на отворањето на дебатата изјави дека одговорноста за насилството е заедничка кога станува збор за трагедии какви што се случија во соседна Србија. Таа истакна дека за насилството одговорноста ја имаат родителите, старателите, образовните институции, почнувајќи од директорите, педагозите, психолозите и наставниот кадар, но одговорност имаат и претставниците на државните и јавните институции.

„Нашиот академски кадар е подготвен да спроведе обуки на сите нивоа и заедно во соработка со Министерството за образование да ги едуцираме наставниците, да работиме со учениците и со родителите. Подготвени сме со академскиот кадар од Факултетот за правни и политички науки да дадеме придонес и во подобрување на законската регулатива кога станува збор за малолетничка деликвенција“, нагласи Србиновска Дончевски.

„Какви генерации создаваме не зависи само од наставниот кадар или стручните служби во училиштата, туку тоа е процес во кој треба да се вклучат сите чинители во општеството. Затоа, со цел спречување на секаков вид насилство и создавање пријатна стимулативна средина за учење, сите вклучени во образовниот процес се должни да промовираат еднаквост меѓу учениците и активно да се спротивставуваат на сите форми на дискриминација и насилство“, истакна Јетон Шаќири, министерот за образование на денешната дебата.

Тој најави дека Министерството за образование ќе формира тимови составени од надлежните од основните и средните училишта со одговорни лица од Центарот за социјална работа, кои заедно и ефикасно ќе работат за спречување на насилството во училиштата, во сите градови низ државата.

Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин на дебатата говореше за активностите кои го презема министерството околу насилството, но пред сè обрати во улога на родител. Па така, тој ја нагласи улогата на семејството како клучна за справување со насилството како проблем, односно како децата ќе се советуваат и како родителите ќе се грижат за нив, особено во периодот на адолесценција.

Јован Петрески, директор на СУГС „Панче Арсовски“ оцени дека за ефикасно решавање на врсничкото насилство треба активно да бидат вклучени сите засегнати страни: ученик- наставник-родители-психолошко-педагошка служба и социјален работник.

Доколку еден од овие чинители не соработува, тешко се доаѓа до решение на проблемот.

„Психолозите и психијатрите сè оние кои според нивните компетенции и стручност, треба да понудат вистинско решение. Тие сè оние кои треба да ги доедуцираат психолошко-педагошките служби во училиштата, да одржат предавање на учениците, наставниците и родителите во врска со врсничкото насилство. Сите засегнати страни треба да настапуваат координирано, а проблемот да се решава системски“, истакна Петрески.

Според Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија, советник-психотерапевт, родителите се првите модели на идентификација за детето. Најважно што еден родител може да направи за своето поколение е безусловно да го сака.

„Последните случувања се крик на системот дека нешто не е во ред, дека се распаѓа. Примарната превенција е задоцнета. Затоа, неопходно е секундарната и терцијалната превенција да се остави на стручните лица“, порача Секулоска во своето обраќање пред присутните.

Проф. д-р Ана Фрицханд, раководителка на Институтот за психологија при Филозофски факултет од УКИМ, истакна дека негативните ефекти од меѓуврсничкото насилство и малтретирањето во периодите на детство и адолесценција, се видливи и кај насилникот и кај жртвата, а можат да бидат краткорочни и долгорочни.

„Што може да се преземе за да се превенира? Да се следи однесувањето на детето/адолесцентот со цел да се препознаат евентуалните промени кои би биле рани знаци дека можеби се наоѓа во улога на жртва, да се комуницира секојдневно, квалитетно и отворено, активно да се слуша што детето зборува и/или се обидува да каже, да се гради однос на заемна доверба и поддршка, детето да знае дека родителот е тука во секој момент за да му помогне, да се пријави кај надлежните институции и секако да се побара стручна поддршка“, истакна Фрицханд.

Елизабета Георгиевски од Министерството за внатрешни работи укажа на потребата на примена на превенција и едукација.

„Општеството е дисфункционално, не само во образованието, туку во сите сегменти. Затоа работите треба да ги гледаме со проекција и навремено да се преземааат мерки“, рече Георгиевски, која додаде дека сите институции, вклучително и МВР треба да бидат внимателни кога се работи со децата како ранлива категорија.

Адвокатот Дејан Стојчев истакна дека во ерата на нови, модерни форми на врсничко насилство се поставува прашањето дали постоечката негова законска уреденост, во смисла на определување на неговите форми и санкционирање на сторителите од казнено-правен аспект, механизмите на негова превенција, или, во краен случај, сузбивање на повторување на актите изискуваат промени во домашното законодавство, низ преглед на практични примери и компаративен осврт на домашното и меѓународното законодавство.