Фото: Викимедија комонс, Од Центарот за образование на Каталонија, Шпанија

Данската влада намени еден милион дози вакцина од производителот „Астра Зенека“ како донација за земјите од Западен Балкан. Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово ќе добијат по 250.000 дози од вакцината „Астра Зенека“. Воедно, Данска ќе додели уште еден милион вакцини „Астра Зенека“ за меѓународниот механизам за дистрибуција на вакцини КОВАКС, информираат од Амбасадата на Данска во Белград.

„Во моменталната епидемиолошка ситуација, данските здравствени власти ја вклучија вакцината на производителот „Астра Зенека“ како изборна. Бидејќи побарувачката за оваа вакцина е многу ограничена, данските власти одлучиле да ја поделат порачаната количина вакцини „Астра Зенека“ со земјите на кои им е потребна“, се наведува во соопштението од данската амбасада.

Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои сѐ уште не се испорачани. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци, информираат од амбасадата.

„Нашите соседи на Балканот имаат значаен недостиг на вакцини, што истовремено оптоварува некои заедници и го зголемува ризикот од нови жаришта, кои може да се појават и да се прошират. Затоа ми е драго што можеме да излеземе во пресрет и да им помогнеме на нашите блиски партнери со ова апсолутно неопходно оружје против пандемијата, односно со вакцините. Западниот Балкан е дел од нашето непосредно соседство и имаме силен заеднички интерес да се држиме заедно и во пандемијата“, изјави министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод по повод доделената донација.