Човекот мора да престане да ги уништува природните живеалишта, а со тоа и биодиверзитетот

Лешница, на Шар Планина. Фото: Проект STEP

Уништување на природните живеалишта или нивно загрозување до тој степен животните и растителните видови да немаат услови да преживеат, се реалноста со која се соочува модерното општество. Потребата на човекот да узурпира и искористува ресурси исклучиво за своите потреби е една од најголемите закани за биодиверзитетот. Покрај опасноста што демне од климатските промени кои предизвикуваат температурни промени и суши поради намалување на врнежите, за да преживее, живиот свет мора да се бори и со човековата неодговорност и несовесност.

Директна последица на тоа се сè подолгите црвени листи на загрозени видови. Македонија има извонредна, но сериозно загрозена биолошка разновидност. Во земјава постојат околу 22.000 видови, од кои околу 1.000 се ендемични. Има 82 видови цицачи, 332 видови птици 32 видови влекачи и 15 видови водоземци. Има и 3.200 видови растенија, над 2.000 видови алги и габи и 500 видови мовови. Многу од нив се на работ на исчезнување, а за голем дел се води тешка битка за одржување.

Најпознатиот, балканскиот рис, повеќе од една деценија е грижа на Македонското еколошко друштво, благодарение на кое сега можеме да изброиме педесетина здрави и возрасни единки. Тука се и мршојадците, од кои два вида, брадестиот и црниот, веќе се целосно исчезнати, а два, египетскиот и белоглавиот, сè уште се гнездат во Македонија. Но, тука се и десетици видови растенија, инсекти, габи, птици и други видови кои секојдневно, губејќи го своето живеалиште ја губат и битката за опастанок.

 

Најзагрозени ливадите – земјоделството и климатските промени го земаат данокот!

Заканите за биолошката разновидност се детално анализирани во државната Стратегија за биолошка разновидност со акциски план, вели Методија Велевски од Македонското еколошко друштво и нагласува дека веројатно најзасегнатите живеалишта се низинските, планинските и влажните ливади, кои поддржуваат исклучително богата биолошка разновидност.

Лешница, на Шар Планина. Фото: Проект STEP

Тие исчезнуваат поради промени во традиционалните сточарски практитки, конверзија во обработливи површини, како и поради промена на хидролошките услови, кои се последица на климатските промени, но се и предизвикани од човекот, преку зафаќање на изворите на вода. Резултат е целосно исчезнување на видовите или значително намалување на популациите.

Мноштво растителни видови се поврзани со овие живеалишта се безрбетници посебно пеперутки, правокрилци, опрашувачи, пчели и бумбари и повеќе видови птици. Од друга страна, многу специјализирани видови исто така исчезнуваат, не заради загуба на живеалиштето, туку заради промена односно влошување на неговиот квалитет. На пример, прекумерниот лов и криволовот на крупните тревопасни животни доведуваат до намалување на популацијата на предаторите, каков што е критично загрозениот балкански рис. Селективното отстранување на мртви, стари или болни стебла од шумите доведува до намалување и исчезнување на некои видови клукајдрвци и муварчиња. Потоа загадувањето на водите влијае на широк спектар на таксономски групи и видови, еден од помаркантните примери е балканскиот вретенар, вид риба која се среќавала долж реката Вардар, а сега е ограничена на почистите делови на Треска и веројатно е пред исчезнување, нагласува Велевски.

Најдобро би било концесионерите на малите хидроцентрали на Шар Планина да се повлечат

Човекот, смета тој, мора да ги напушти тековните практики и да ги ограничи поединечните и колективните придобивки кои доаѓаат од економското искористување на ресурсите.

Лешница, на Шар Планина. Фото: Проект STEP

Заради тоа, смета, би било одлично доколку Владата успее да договори повлекување на инвеститорите во мали хидроцентрали на Шар Планина од доделените концесии.

Новиот национален парк треба да носи придобивки за целото локално население, не само за неколкумината инвеститори. Најсилната продажна вредност на Паркот е неговата убавина. Малите хидроцентрали, но и други објекти, патишта, и слично, ја нагрдуваат оваа вредност, како дополнување на негативниот ефект кон биолошката разновидност. Зачуваната биолошка разновидност и зачуваните предели се оние кои ќе донесат туристи на Шара, туристи кои ќе се сместат во локални објекти, ќе уживаат во локални производи и кои со задоволство ќе препорачаат посета на нивните пријатели. Ако се што видат кога ќе дојдат се патишта и реки пикнати во цевки, ниту ќе се вратат, ниту некому ќе споменат каде биле и што виделе, дециден е Велевски.

 

Законите добри, се потфрла во спроведувањето

Законите во земјата, смета тој, се добри, но проблем е имплементацијата и почитувањето. Скоро сите активности на МЕД се стратешки насочени кон зголемување на државниот, формалниот одговор кон потребите за заштита на природата или животната средина. МЕД многу често ги идентификува проблемите на терен, ги приоретизира согласно капацитетите и ресурсите, и се обидува да ги мотивира државните институции да се занимаваат со истите, во исто време јакнејќи ги нивните капацитети.

На пример, одамна сме го идентификувале користењето на отровите во природата како сериозен проблем за повеќе видови птици, и работиме на зајакнување на институциите да можат да се справат со овој проблем, посочува Велевски.

Тој смета дека е многу важно заштитата на природата да се интегрира во останатите сектори како земјоделството, шумарството, транспортот, енегретиката… и да се планира навремено. На почеток, инвестициите се чинат поголеми, но и такви тие се помали од подоцнежните мерки за ревитализација на живеалиштата и видовите. Секој човек, нагласува, кога е во природа треба да применува само едно генерално правило: „Не носи дома ништо освен фотографии, не оставај ништо освен отпечатоци“.