МЖСПП ги промовира Националните црвени листи на габи и цицачи и Каталогот на типови живеалишта

Image by Markus Wittmann from Pixabay

Министерството за животна средина и просторно плaнирање (МЖСПП) ги промовира Националните Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи и Каталогот на типови живеалишта од европско значење, подготвени со поддршка на Европската банка за обнова и развој и IUCN Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO), како и на научни институции и национални експерти, соопштија од МЖСПП.

„Националните Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи (рис, мечка, видра, волк и шакал), како и Каталогот на живеалишта од европско значење,  се важна алатка за мониторинг на биолошката разновидност и идентификацијата на приоритетните видови и подрачја за креирање на политика за заштита и зачувување на природата“, истакна заменик министерката на МЖСПП, Христина Оџаклиеска.

Според Борис Ерг, директор на Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN ECARO), Националните црвени листи се од суштинско значење за Северна Македонија, за информирање на носителите на одлуки и за развивање на здрави политики за зачувување и заштита на природата.

Изработката на овие листи, заедно со претходната Национална Црвена листа за херпетофауна (водоземци и влекачи) и одредениот конзерваторски стаус за 14 васкуларни растенија од национално и европско значење, е придонес во напорите на МЖСПП во зголемувањето на ефикасноста на заштитата и управувањето со компонентите на биодиверзитетот на национално ниво.

Овие документи се изготвени во рамки на проектот: „Програма за градење на капацитети за биодиверзитет: Промовирање на добри меѓународни практики во Македонија“, финансиран од ЕБОР, и ќе имаат апликативна функција во работата на Секторот за природа во Управата за животна средина.